Гудачкиот квартет на Ансамблот за совремана музика при СОКОМ „КонТемпора“ утре во Опатија ќе одржи концерт во рамки на Опатиска музичка трибина. Во квартетот членуваат виолинистите Владимир Костов и Симон Поповски, Бојан Талески – виола и Паскал Краповски – виолончело.
Како што информира СОКОМ (Сојуз на композиторите на Македонија), на програмата на концертот ќе бидат застапени дела од македонските композитори Панде Шахов, Валентина Велковска-Трајановска и Јана Андреевска, како и од хрватските Дубравко Детони, Сања Дракулиќ и Франо Ѓуровиќ, во чијашто премиерна изведба како гости ќе им се придружат и обоистката Ема Абаџиева и контрабасистот Илин Диме Димовски кои подолго време живеат и работат во Загреб.
Концертот се реализира на покана на организаторот – Хрватското друштво на композитори. Опатиска музичка трибина, која по 53-ти пат се одржува од денеска до 6 ноември, е меѓу најреферентните музички манифестации за современа музика од просторите на поранешна Југославија.