Конференција за образовните права во разнолики општества

Од:

Мисијата на ОБСЕ во Македонија – Канцеларија на Високиот комесар за национални малцинства (ВКНМ) денеска и утре организира конференција на тема „Остварување на образовните права во разнолики општества“ со која се одбележуваат 20 години од Хашките препораки на ВКНМ. На дводневната конференција се дискутира за образовните проблеми во однос на социјалната кохезија, со акцент на проблемите со кои се соочуваат помалите заедници.

Вишиот советник на ОБСЕ/ВКНМ Алесандро Рота на отворањето се осврна на Хашките препораки од 1996 кои се уште се валидни, како и на Љубљанските насоки од 2012 кои нив ги дополнуваат со препорака дека образовните политики треба да се формулираат паралелно со политиките за интегрирање на различните групи во едно општество.

– Упатствата уште еднаш ги нагласија правата на лицата кои се припадници на националните малцинства да учат на својот мајчин јазик и бараат комплементарност, интегрирање  во мултијазични системи на сите нивоа, обезбедување еднаков пристап и еднакви можности за сите ученици, без оглед дали се припадници на малцинството или на мнозинството, рече Рота. 

Според него, интеграцијата на малцинствата во матичното општество е  процес, а не исход, а за  Стратегијата за интегрирано образование од 2010 кажа дека овозможува перспективи и можности за различните етнички групи да ги учат јазиците едни од други.

– Да се разбереме едни со други подобро – улогата на образованието е круцијална во овој процес. Како што рече Макс ван дер Штул,  интеграцијата треба да биде императив. Интегрираното образование е нешто кон што треба да се стремиме. Денес многу ученици одат само во моноетнички училишта коишто не ја промовираат интеграцијата. Целта е да се обезбеди сите ученици да имаат корист од мултијазичните паралелки, а не само оние среќни ученици кои се дел од некој проект. Тоа е одговорност на државата кон своите граѓани. Заштитата на разноликоста треба да се случи преку законодавството, преку политиките со кои се олеснува интеграцијата и заемното почитување, рече Рота. 

ВКНМ им препорачува на државите да усвојат мерки и политики со кои ќе се унапредат разноликите мултијазични општества. Рота ги посочи и предусловите за креирање образовни политики, меѓу кои прв е  компромисот во политиката, односно воспоставување политичка соработка за да се создаде клима за реформи.

– Поделбите се длабоки во државата, но видовме дека има и напор во обратна насока – напор за соработка што треба да биде патот за иднината, додаде тој. Вториот предуслов е разбирањето дека не постои ексклузивен пристап кон идентитетот. За да се изгради мирна и праведна демократија, рече, мора да се признаат различните карактеристиики на различните групи со што ќе се спречи ризик од конфликти. Последниот предуслов, според него, е децентрализација, праведно распределување на ресурсите и сите да бидат вклучени во креирањето на образовните политики и во нивното спроведување.  

Министерот за образование и наука Пиштар Лутфиу поздравувајќи го овој концепт рече МОН сака да овозможи децата да учат едни за други.

– Свесни сме дека јазикот е високочувствително прашање и е идентификација за една етнилка група. Нашата цел е да се воспостават мостови меѓу децата од различни групи и со различно етничко и културолошко потекло за да обезбедиме заеднички активности, интеракција меѓу децата во училиштата кои ќе имаат наставници што предаваат на различни јазици. Сметаме дека постојат одредени тешкотии за македонските деца да учат албански или турски јазик, дури и ако имаат интерес за тоа. Учењето на јазикот на соседите се гледа, пред се, како инструмент за интеграција. Затоа сметам дека е потребно да се обезвбедат сите услови кои ќе овозможат изградба на мостови меѓу децата и нивно поврзување, особено во малите заедници, додаде Лутфиу. 

Би можело да ве интересира

Јаневска: Се разговара со синдикатот за повисоки плати на наставниците

Раст на платите во јавната администрација и образованието ќе има следната година

Независниот синдикат порачува: Нека се скрати на превоз на пратеници, на апанажи, на службени возила и ќе има пари и за просветните работници

Предраг Петровиќ

Јаневска: Нашите ученици каснат многу во однос на нивните врсници во Европа

(ВИДЕО) Баковска: Нема образовни асистенти во училиштата, гневни се родителите на децата

Наставниците нема да добијат зголемување на платите во септември, ќе има во март