Премиерот Никола Груевски посетата на Детроит каде се промовираат можностите за инвестирање во Македонија ја искористи и за договори кои ќе помогнат во македонскиот здравствен систем.
– Роуд шоуто што го имаме за презентација на Македонија пред повеќе компании и директни контакти со компаниите за да привлечеме некои од нив, можеби второстепена, но не помалку важна, е нашата мисија што ја имаме зацртано во сите четири градови што ги посетуваме за да издејствуваме обука за нашите лекари и медицинскиот персонал. Америка е држава која е најнапредна во полето на медицината во светот. Секое доаѓање на обука на наши лекари и медицински персонал во САД е придобивка за нив самите, но и за Македонија, рече премиерот Груевски.
Во разговорот со еден од лекарите кој има македонско потекло, а е роден и образован и долги години работи во САД, Груевски му ја објаснил состојбата во Македонија.
– Би сакале лекари од познатите клиники во Америка да дојдат во Македонија и да вршат обуки на наши лекари и медицинскиот персонал. Имав одличен прием и тие изразија подготвеност да помогнат. Нашите разговори ќе ги продолжи министерот за здравство, а на пролет се надеваме да потпишеме и договор за соработка со клиниката „Хенри форд“, за да можеме понатаму да испраќаме наши лекари тука на обука, на неколку месеци или на една година, посочи премиерот.
Економските посети на градови и држави, претседателот на македонската Влада честопати ги користи и за остварување соработки во различни области.
– Во комуникација со министерот за здравство, затоа што и тој оди во некои од градовите, воспоставивме контакти со првите луѓе на болниците со цел да овозможиме наши лекари, медицински сестри и медицински персонал да дојдат на обука тука, нивни лекари да вршат обука во Република Македонија низ различни болници и клиники. Тоа е нашиот план за 2013, 2014 и 2015 година. Како што одиме со роуд шоуто во други градови, вршиме посета на една од болниците, додаде премиерот.
Владината делегација денеска е во Хјустон, каде ќе го посетат Тексас медикал центар, најголемиот медицински центар во Тексас и еден од позначајните во Америка, каде премиерот Груевски оди со иста намера да издејствува обуки за нашите лекари и доаѓање нивни лекари во Македонија.