Во Демиркаписко, денеска почна реконструкција на регионалниот пат од Корешница до Бистренци. Инвестицијата е 10 милиони денари. Се поставува нов тампон, а за десетина дена ќе почне и асфалтирањето. Со реконструкцијата ќе се изврши проширување од 3 метри на 4 метри и ќе се постави комплетно нова патна сигнализација.
Инвестициите во овој регион надминуваат над 200 милиони евра, рече министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски кој заедно со градоначалникот на Демир Капија и директорите на ЈП за Државни патишта и Македонија пат Александар Стојанов извршија увид на отпочнување на градежните работи.
– Денеска започнуваме со реконструкција на овој пат и набрзо ќе го завршиме, знаете дека активно се работи на автопатската делница Демир Капија – Смоквица, активно се работи и на автопатската делница Смоквица – Гевгелија. Почнавме со подготвителни работи за реконструкција и на делницата од Неготино до Демир Капија која е една од најоштетените и најфреквентна. Така да активно се работи на изградба на овие капитални проекти, рече Стојанов.
Според него со реконструкцијата на овој пат, што, како што рече, беше едно од барањата на жителите на овие населени места ќе обезбедиме побезбеден сообраќај.
За општината Демир Капија овој проект значи заокружување на инвестициите на патната инфраструктура во општината.
– По завршување на овој регионален пат во општина Демир Капија ќе нема ниту еден локален, ниту регионален пат на кој што ќе му биде потребна реконструкција, изјави Трајче Димитриев градоначалник на општина Демир Капија.
Реконструкцијата на овој регионален пат ќе се заврши оваа година.