Директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) Марјан Спасески денеска се сретна со селекторот и со дел од репрезентативците на македонската сениорска карате репрезентација, по повод учеството на светското сениорско првенство кое ќе се одржи во Линц, Австрија.
На првенството во конкуренција на 1.300 натпреварувачи од 118 држави, ќе настапат нашите најдобри каратисти како Емил Павлов, Пуликсенија Јовановска, Наташа Стефановска и Жарко Арсовски, се наведува во соопштението на АМС.
Спасески на прес-конференција истакна дека ова светско првенство е прво големо натпреварување откако каратето е прогласено за Олимписки спорт и ќе се најде на програмата за ЛОИ во Токио 2020 година.
– Јас сум оптимист и поведувајќи се од искуството дека нашите каратисти во последните неколку години редовно се враќаат со трофеи од големите натпреварувања, верувам дека и сега ќе го покажат својот квалитет и ќе го продолжат трендот на успеси на големите турнири, рече Спасески.
Ваквите резултати, додаде, се мотив повеќе АМС да дава континуирана поддршка на Македонската карате федерација, како и дека за настапот во Линц се издвоени 600.000 денари, а за меѓународната програма и за стручната работа на федерацијатата досега се издвоени вкупно 1.840.000 денари.
– Голем дел од нашите репрезентативци се и носители на стипендиите, кои ги доделува АМС, како и на највисокото спортско признание Спортска пензија. Со тоа им оддаваме почит и јавно признание и докажуваме дека државата се грижи и понатаму ќе продолжи да се грижи за врвните спортисти, кои ја промовираат Македонија на меѓународната спортска сцена, а од година во година го зголемуваме и бројот на стипендии за млади и талентирани каратисти, чија бројка годинава достигна 25, рече Спасески, посакувајќи им успех на нашите учесници.