Бачев со иницијатива за поништување на одлуката за распуштање на Собранието

Од:

Народно движење за Македонија, денес, 20.10.2016 (четврток) поднесе Иницијатива до Уставниот суд за поништување на Одлуката за распуштањето на Собранието на Република Македонија.

„Како што најавивме пред три дена, денес поднесовме Иницијатива до Уставниот суд за уставна оценка на Одлуката за распуштање на Собранието. Иницијативата се поднесува од две причини. Првата се сведува на фактот што Собранието го прекрши рокот за распуштањето. Имено, член 63 став 3 од Уставот е многу јасен и прецизен бидејќи утврдува точен рок за избор на пратеници во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието, кој не трпи одлагање или поставување на дополнителен рок. Уставот целосно ја уредува положбата и надлежноста на Собранието и не дозволува тие прашања да бидат уредувани со закон. Собранието е уставна, а не законска материја, што значи дека самото Собрание не може да ја проширува неуставно својата надлежност и да одлучува на поинаков начин, односно, надвор од она што е регулирано во самиот Устав по однос на рокот за неговото распуштање и работа. Втората причина е во врска со неусогласувањето на шесттата изборна единица каде бројот на гласачите е за 5,28 отсто поголем споредено со другите изборни единици со што се доведува во прашање уставното начело за еднаквост на избирачкото право. Со нашата Иницијатива, на своевиден начин им ги скратуваме и маките на колегите од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Устите на Груевски и Заев деновиве се полни со силни пораки дека сакаат избори на 11 декември, иако во заднина мака мачат како да изнајдат начин за уште едно одложување на изборите. Очекуваме Уставниот суд да ја разгледа Иницијативата во најбрз рок како што беше со Иницијативата на ДУИ во месец мај кога за една недела судот донесе одлука. Најодговорно и најискрено кажувам дека не тргнуваме од било какви калкулантски побуди, бидејќи НДМ е спремно за избори на 11 декември како што бевме и на 5-ти јуни кога поднесовме листи. Единствен мотив за овааа Иницијатива е нашето убедување дека мора да градиме политичка и правна култура на доследно почитување на Уставот како највисок правен акт во земјата и света работа во една правна држава кој мора да се почитува„ – рече Бачев.

Интегралниот текст од Иницијативата до Уставниот суд

До Уставниот суд на Република Македонија

Врз основа на член 12 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (Службен весник на Република Македонија бр. 70/92) поднесуваме

И Н И Ц И Ј А Т И В А
за поведување на постапка за оценување на уставност

1. Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 17.10.2016 донесе Одлука за распуштање на Собранието со што се постави прашањето за согласноста на одлуката со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 51, член 63 став 3 од Уставот на Република Македонија и член 4 став 7 од Изборниот законик.

2. Собранието на Република Македонија на 125-та седница одржана на 17.10.2016 донесе одлука за негово распуштање заземајќи став дека предвремените парламентарни избори на 11-ти декември 2016 можат да се одржат во рок пократок од 60 дена, иако според член 63 став 1 од Уставот, избори за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштање на Собранието.

Исто така, Собранието е на становиште дека може да се одржат предвремени парламентарни избори на 11 декември 2016 без да се изврши усогласување на бројот на запишаните гласачи во шесттата изборна единица каде бројот на гласачите е за 5,28 отсто поголем споредено со другите изборни единици, иако според член 4 став 7 од Изборниот законик во изборните единици во Република Македонија бројот на избирачите може да отстапува најмногу од минус 5% до плус 5% во однос на просечниот број на избирачи во изборната единица.

Уставниот суд со одлуката У.бр.104/2016 од 25.05.2016 веќе се произнел дека одлука за распуштање на Собранието има карактер на пропис од каде произлегува дека оспорената одлука е подобна за уставно судска оценка.

3. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Македонија се: основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеење на правото.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 63 став 3 од Уставот, избори за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштање на Собранието.

Во член 4 став 7 од Изборниот законик е определено дека во изборните единици во Република Македонија бројот на избирачите може да отстапува најмногу од минус 5% до плус 5% во однос на просечниот број на избирачи во изборната единица.
4. Од изнесените уставни норми произлегува дека со Уставот се уредени статусните прашања на Собранието на Република Македонија како орган на државната власт.

Во Уставот на Република Македонија експлицитно е уредено прашањето за рокот во кој се одржуваат избори за пратеници во случај на распуштање на Собранието.

Член 63 став 3 од Уставот на Република Македонија е многу јасен и прецизен бидејќи утврдува точен рок за избор на пратеници во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието, кој не трпи одлагање или поставување на дополнителен рок.

Значи, Уставот на Република Македонија не познава распуштање на Собранието во рок пократок или подолг од 60 дена.

Од содржината на оспорената одлука е евидентно дека со неа се врши дополнително регулирање надвор од Уставот, всушност „креативно“ дополнително нормирање на уставните одредби кои се однесуваат на распуштање на Собранието, кои како такви не се предвидени со Уставот.

Во оваа насока се повикуваме и на научното толкување на Уставот од страна на универзитетскиот професор Светомир Шќариќ, кој вели: Собранието е правен суверен, а граѓаните политички суверен. Уставот целосно ја уредува положбата и надлежноста на Собранието и не дозволува тие прашања да бидат уредувани со закон. Собранието е уставна, а не законска материја.

Тоа значи дека самото Собрание не може да ја проширува неуставно својата надлежност и да одлучува на поинаков начин, односно, надвор од она што е регулирано во самиот Устав по однос на рокот за неговото распуштање и работа.

Член 4 став 7 од Изборниот законик е многу јасен и прецизен бидејќи утврдува дека во изборните единици бројот на избирачите може да отстапува најмногу од минус 5% до плус 5% во однос на просечниот број на избирачи во изборната единица, кој не трпи поголемо отстапување од напред наведеното, меѓутоа, во шесттата изборна единица бројот на гласачите е за 5,28 отсто поголем споредено со другите изборни единици со што се доведува во прашање законитоста на Шесттата изборна единица и уставното начело за еднаквост на избирачкото право.

Горенаведената состојба доведува и до правна несигурност и повреда на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок утврдена во членот 8 став 1 алинеја 1 и 3 и членот 51 од Уставот, бидејќи Собранието на Република Македонија е должно да ги почитува Уставот и законите, што овде не е случај.

Поради сето горенаведено сметаме дека Уставниот суд треба да поведе постапка за оценување на уставноста на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија и да донесе одлука за поништување на истата.

Посебно барање:

Со оглед на фактот што оспорените одредби се однесуваат на предвремените парламентарни избори што треба да се одржат на 11 декември 2016, а со цел спречување на настанување тешко отстранливи последици, му предлагаме на судот врз основа на начелото на приоритет и итност до донесувањето на конечната одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на оспорениот акт.

Би можело да ве интересира

„Единствена Македонија“: Скандалозно е што Заев избрал фукницонери кои си играат и учат како се води држава

Ана Ололовска

ВИДЕО: Бачев поднесе иницијатива со која бара Македонија да не влезе во НАТО

Ана Ололовска

„Единствена Македонија“ официјално ќе побара од Собранието повлекување од НАТО

Ана Ололовска

НДМ стана „Единствена Македонија“: Сојуз со Русија и членство во Еворазиската унија

Наум Локоски

НДМ: Нимиц ја крши резолуцијата 817, Македонија да го префрли спорот за името на правниот терен

Ана Ололовска

НДМ: Столтенберг да им пренесе на НАТО и ЕУ – Жива е Македонија, жив е македонскиот народ!

Ана Ололовска