Доколку Хашкиот Трибунал не го осуди Рамуш Харадинај, тој по враќањето на Косово за брзо време ќе биде именуван за премиер, пренесува српски „Блиц“ дипломатски извори во Приштина. Тоа би значело според весникот и до промена на дијалогот меѓу Белград и Приштина бидејќи во Брисел наместо Хашим Тачи на преговарачката маса ќе седи Харадинај.
Според дипломатскиот извор на една земја од ЕУ која ка има признато независноста на Косово, Харадинај ќе биде именуван за премиер низ процес на реконструкција на владата.
Иницијатива била дадена од Американците, уште од порано. Понудата на Харадинај е начин да се сочува Хашим Тачи и да опстане сегашната косовска власт бидејќи парламентот повремено го нема потребното мнозинство. Сигурно мнозинство би се обезбедило со 11 те пратеници на Харадинај.
„Единствена пречка Харадинај да биде брзо именуван за премиер е доколку во Хаг сепак биде правосилно осуден. Тој најверојатно ќе биде за брзо време пуштен на слобода, но тоа не значи дека нема да биде осуден, а времето кое досега го поминал во затворот ќе му биде пресметано во казната. Единствено во случај на правосилна пресуда Харадинај нема да биде именуван за премиер, зашто со одредбите на косовскиот закон ќе му биде забрането да се занимава со политика“, пренесува Блиц.
Во случај Харадинај да стане премиер, Хашим Тачи би отишол на позицијата претседател на Косово, наместо сегашната претседателка Атифете Јахјага. За да се случат овие рокади, забрзано се работело на зимена на косовскиот Устав со кои претседателот би имал многу поголеми овластувања.