Време е да се донесе заедничка и ефикасна европска политика за азил, изјави еврокомесарот за миграција и внатрешни работи, Димитрис Аврамопулос пред почетокот на Советот за правда и внатрешни работи во Луксембург.
Во врска со зајакнувањето на Заедничкиот европски систем за азил, тој рече дека ќе упати барање со цел сите земји членки да обезбедат техничка поддршка и човечки ресурси.
– Нашата цел е да се спречи илегалната миграција во границите на Европа, а за да се постигне тоа треба да се подобри и продлабочи соработката со трети земји, како што е Турција и се разбира да се спроведат нашите договори за партнерство со земјите од Африка, истакна Аврамопулос.
Според него, многу е јасно дека сите земји членки мора да го преземат својот дел од одговорноста и да го докажат тоа со спроведување на она што е дискутирано и одлучено за релокација и преселување на бегалците.