Вонредните контроли на границата меѓу Австрија и Германија ќе бидат продолжени и по средината на ноември, кога според најавите требаше да заврши суспензијата на Шенген системот, најави германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезиер пред средбата со неговите колеги од ЕУ во Луксембург, јави дописникот на МИА од Берлин.
– Сегашниот систем кој овозможува контрола на границата завршува кон средината на неомври. Се залагам за негово продолжување. Имаме право да ја продолжиме можноста за контрола на границата на европска основа и ние ќе го дискутираме тоа денеска, изјави Мезиер во Луксембург.
Покрај Германија, правото на суспензија на Шенген системот го искористија и Шведска, Норвешка, Данска и Австрија, кои се уште не се подготвени да дозволат слободен проток на патници без гранични контроли.
– Треба да погледнете каква е реалноста. Во Грција има 50 илјади бегалци, а има многу други и во балканските земји. Затоа тешко можам да замислам дека Шенген системот ќе профункционира повторно на 15 ноември. Мислам дека ќе биде неопходно да се продолжи со вонредните контроли или да се размисли за други чекори, изјави австрискиот министер за внатрешни работи Волфганг Соботка.
Европската комисија смета дека граничниот сообраќај во Шенген системот треба да се врати во нормала, но и покрај намалувањето на бројот на бегалци со затворањето на балканската рута, признава дека се уште постојат причини за вонредни гранични контроли.