„Повторно сме сведоци на небулозни политички одлуки од страна на власта. в.д. премиерот Емил Димитриев, повторно како и претходните неколку пати кога требаше да биде Собранието распуштено, се впушта во калкулантски кадровски измени. Овој пат, на дневен ред е неговиот коалиционен партнер од турската заедница.
На само 3 дена пред распуштањето на Собранието, се врши принудна замена на министерот од турската заедница, Фуркан Чако. За добрите познавачи на позицијата на претседателот на турската партија од чии редови доаѓа и Чако, Ќенан Хасипи, јасно е дека станува збор за интервентна одлука за смена на министерот.
Имено, Хасипи, соочен со својата ослабена позиција во рамки на неговата партија и заканата од младиот Чако да стане лидер на истата, ја користи својата позиција кај власта и наредува да се разреши младиот министер без ресор.
Очигледно, Хасипи, повторно заслепен од љубовта кон власта, врши намерна деградација на Турците во Македонија, согласувајќи се да именува министер Турчин кој би имал мандат од само неколку дена.
Новиот министер Бејџан Иљас, со самото тоа што се согласува да ја врши оваа функција за толку кратко време, свесно се става во позиција на сегашниот дополнителен заменик министер за внатрешни работи Оливер Андов, кој на власта им служи како марионета и гласно говорник на нивната погубна политика.
Господине Иљас по што се разликувате од Оливер Андонов?
Дали еден од гревовите на Фуркан Чако е и неговото противење за идно коалицирање со досегашните партнери од власта, посебно со ВМРО-ДПМНЕ?
Доколку Чако како експерт за надворешна политика и меѓународни односи не бил успешен во вршењето на својата позиција, што тогаш можеме да очекуваме од еден лекар во толку краток период да донесе поголем број на странски инвестиции?
Со ваквиот поданички однос на Хасипи кон власта, се потврдува старата констатација помеѓу турското население во Република Македонија, дека тој и неговата партија ниту еден ден не се залагаат за нивните права во заедницата, туку дека единствен интерес им се личните придобивки од власта и коалицијата на власт.
Затоа, после 11 декември, нема да биде повторно дозволено поигрување со Турците во Република Македонија на начинот на кој тоа досега го правеше Хасипи и неговата партија. Ќе ставиме крај на сите лични профитери кои само на хартија се залагаат за правата на тие кои ги избрале“, изјави пратеникот на ТХП, Енес Ибрахим.