Со концерт на рускиот пијанист Олег Маршев кој живее и работи во Австрија, вечер во Битола завршува 25. јубилејно издание на фестивалот на класична музика „Интерфест“.
Свеченото затворање е закажано за 20 часот во салата на клавирите во Битолскиот Музеј, а според програмата, Маршев ќе изведе дела од Брамс и Мусогорски.
– Во овие 25 години „Интерфест“ понуди недоброј концерти со уметници од сите страни на светот. Во овој четврт век на „Интерфест“ се случија неповторливи и незаборавни уметнички настани, и ако се оценува според интересот и присуството на публиката тогаш слободно ќе речеме ова е вистински фестивал на класичната музика, посочи Милица Шперовиќ Рибарски, уметнички директор на „Интерфест“.
Во периодот од 1 до 12 октомври во Битола настапија уметници од Италија, Казакстан, Црна Гора, Русија, Турција, Германија, Србија и од Македонија, а се одржаа и неколку дисперзирани концерти во Скопје.
Фестивалот на класична музика „Интерфест“ секоја година се одржува под покровителство на Министерството за култура.