Народно движење за Македонија на денешната прес конференција се осврна на прашањето за која отворена истрага зборуваше МВР по повод 21 година од обидот за атентат врз Киро Глигоров кога полициската истрага е прекината со официјален документ на МВР кој беше споделен со јавноста.
На прес конференцијата Ѓорги Тодоров член на Извршниот комитет на НДМ рече:
Повторно 3-ти октомври е уште едно потсетување, дека пред 21 година беше извршен обид за атентат врз Киро Глигоров, кога врз неговото службено возило беа активирани 20 килограми експлозив со далечинска команда, кои се наоѓале во паркиран автомобил.
Пред 6 дена, односно, на 3 октомври, од страна на Министерството за внатрешни работи беше речено дека во МВР и натаму се води постапка против непознат сторител.
Ова е една од подмолните лаги со која во изминатите години се замајува јавноста дека во МВР истрагата не е затворена.
Меѓутоа, денес на многу конкретен начин, ќе и покажеме на јавноста дека кажаното од МВР дека се работи на атентатот е една голема лага.
Ова е интерен документ-телеграма од врвот на МВР до сите организациони единици на тајната служба и криминалистичката полиција.
Во овој документ јасно стои, цитирам: „Ве известуваме дека Штабот на Оперативната акција Автомобил во седиштето на МВР веќе не постои како посебна организациона целина„ – завршен цитат.
Повторувам, Штабот на Оперативната акција „Автомобил„ се укинува.
Да појаснам: по атентатот е заведена оперативна акција со кодно име „Автомбил„, во која требало да се слеваат сите сознанија и податоци од значење за овој немил настан.
Меѓутоа, од презентираниот документ произлегува дека Штабот и оперативната акција „Автомобил„ не постојат повеќе.
Ова според полициската практика е скандалозно, бидејќи атентатот врз Глигоров повеќе не е предмет на систематско и организирано работење на МВР.
Значи, останува да чекаме случајно да се открие атентаторот кој пред 21 година сакаше да ја дестабилизира државата!
После овој сканадолозен документ, со кој се укинува Штабот и оперативната акција „Автомобил“, суштинско прашање кое ја интересира јавноста е:
Зошто МВР и понатаму продолжува со лажење на сопствените граѓани дека се работи на откривање на атентаторот врз Глигоров, кога Штабот и ОА Автомобил се укинати?
Зошто МВР го лажеше и самиот Глигород до неговата смрт дека се работи на атентатот, наместо отворено да му кажеа дека токму заради неработењето, истрагата никогаш не била блиска ниту до мотивите, ниту до извршителите?
Оттука, јавноста сеуште чека одговор на прашањето – Кој ги укинал Штабот и оперативната акција Автомобил?