Администрацијата на американскиот претседател Барак Обама сака да задржи околу 10.000 американски војници во Авганистан, по официјалниот крај на воените операции, предвидедени за 2014 година, пишува денеска „Волстрит џурнал“.
Весникот, повикувајќи се на неименувани високи претставници, истакнува дека планот одговара на препораките на генералот Џон Ален, командант на силите на САД и НАТО во Авганистан, кој предложил да останат меѓу 6.000 и 15.000 војници.
Околу 67.000 американски војници во моментот се распоредени во Авганистан, заедно со 37.000 воници од меѓународните сили ИСАФ. Авганистанските национални сили за безбедност (АНСФ) бројат 337.000 лица.
Аналитичари сметаат дека антитерористичката и мисијата за обука налагаат многу поголем број американски војници, можеби до 30.000.
САД и Авганистан на 15 ноември почнаа одлучувачки преговори за статусот на американските сили, кои ќе останат во земјата по повлекувањето на воените сили на НАТО во 2014 година.
Вашингтон тврди дека не се стреми за постојани бази во Авганистан.