Српски издавач „Агора“ од Зрењанин, Србија, неодамна го објави романот на Душко Родев „Светлата иднина почнува утре, најдоцна задутре“, во превод на авторот.
„Светлата иднина почнува утре, најдоцна задутре“ е еден од трилогијата романи на Родев во која главниот лик е Дојрански. Другите два се веќе претходно објавени во Србија – „Разговори со Дојрански“ во осумдесеттите години на минатиот век (во 1983 година, кога поради смелата тема за тоа време не може да го објави во Македонија), а „Во очекување на Нобеловата награда“ е објавен минатата година, исто така, од „Агора“.
Српскиот издавач го најавува како еден од најзначајните современи македонски писатели кој „раскажува за човечките судбини, а приказните му се полни со иронија, апсурди, етички деформации, неправди, залудни надежи и тага поради празнините во животот“.
Издавачот „Агора“ романите на Душко Родев ги објави со почетен тираж по 1.000 примероци во луксузна опрема со тврди корици.
Душко Родев (1932) е автор на десетина прозни книги – романи и раскази, како и на две драмски дела. За „Човекот што ги сакаше калинките“ ја доби наградата на Утрински весник „Роман на годината“.