Цртаниот филм „Прасето кое сакаше да биде птица“ на продукцијата ОХО, се пласира меѓу десетте најдобри во категоријата аудио-визуелни програми (за предучилишна возраст) на фестивалот „Japan Prize“ во Јапонија.
„Japan Prize“, како што велат продуцентите, е најголем фестивал за телевизиски програми во Азија, и е ориентиран кон едукативни програми од сите категории. Веќе 51 година диктира високи критериуми кои се однесуваат на вештината да се прикаже едукативна вредност, паралелно оценувајќи ја и уметничката. Жирито е составено од продуценти, директори на фотографија и режисери од целиот свет.
Цртаниот филм „Прасето кое сакаше да биде птица“ го создаде креативниот тим на „ОХО“. Продуцент е Пеце Талески, сценариото и режијата е на Елеонора Венинова, а анимацијата на Симон Стојановски и Диме Ѓорѓиевски. Илустрациите се на Тхе Мичо, а музиката е на Мите Димовски.
„Прасето кое сакаше да биде птица“ досега учествуваше на повеќе домашни и светски фестивали, како „Манаки“ во Битола, „Zlin Film Festival“ во Чешка, „Seoul Guro International Kids Film Festival“ во Јужна Кореја, „Supertoon Festival“ во Шибеник, Хрватска и други.