Во рамки на регионалниот проект „Правда“, студентите од Факултетот за драмски уметности во Скопје заедно со студентите од академиите и факултетите за драмски уметности од Загреб, Љубљана, Белград, Нови Сад, Сараево и Цетиње, деновиве настапуваат на интернационалните фестивали МОТ во Скопје, БИТЕФ во Белград и МЕСС во Сараево.
Се работи за единствен проект кој почна во 2013 година на иницијатива на Академијата за драмски уметности од Загреб, со основање на регионалната мрежа на академии (Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Македонија и Црна Гора). Во изминатите две години седум меѓународни уметнички тимови на академиите и факултетите подготвуваа одделни изведби на студентски драмски текстови кои ги соединија во еден впечатлив театарски омнибус.
– Четириесетина студенти по актерство, драматургија, театарска режија, сценографија и костимографија, под менторство на професори од факултетите и академиите учесници во овој проект претставија концепт кој досега не е виден на нашите студентски театарски фестивали и со извонредната изведба на оваа креативно и продукциски доста изискувачка задача, студентите од седумте академии и факултети покажаа дека не се само иднина, туку и возбудлива сегашност на уметноста и културата на овие простори и потврдија дека треба да им се овозможат нови вакви прилики за средби и меѓународна соработка, соопшти Факултетот за драмски уметности.