Прославата на стогодишнината од албанското знаме и основањето на албанската држава не е провокација, а знамињата кои се национален симбол на Албанците, а не знаме на странска држава, се само составен дел од таа прослава. Историјата на овие простори, им нанела многу болка и на Албанците и на Македонците и затоа треба разбирање за спецификите и различностите на секоја заедница и меѓусебна почит, изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети за „24 Вести“.
Ахмети при кревањето на шестметарското знаме во Кичевско, рече дека Албанците нема да дозволат никоја непријателска рака да го симне.
Ова не се прави за да се закануваме или да се докажуваме. За ниту еден друг народ нема негативен ефект. Ние не се закануваме. Овие активности не го загрозуваат територијалниот интегритет на оваа наша заедничка држава. Јас сакам да бидам многу отворен со моите сограѓани Македонци. Али Ахмети нема две лица – претладне да зборува едно со Албанците и да биде патриот, попладне да зборува друго со Македонците и да се претставува како умерен, изјави Ахмети.
Тој рече дека сите се повикуваат на патриотизам, сите се повикуваат на државата и ги сакаат платите и бенефициите од државата, но државното знаме ниту една партија на Албанците не го користи.
Јас тоа го правам. И го правам со најголема одговорност, со почит кон државата, почит кон заедницата – потенцира Ахмети.