Црвенковски: Бучковски се служи со удбашки методи и е карта во рацете на ВМРО-ДПМНЕ

Од:

Во интервју за емисијата „Во Центар“ лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски најави дека Владо Бучковски „може да биде исклучен од партијата доколку продолжи со досегашното однесување“.

„Не ја исклучувам можноста да го исклучам од партијата, ако тоа продолжи, токму таков ќе биде епилогот“, рече Црвенковски.

Според него, Бучковски е маша во рацете на ВМРО-ДПМНЕ и, служејќи се со удбашки методи, се обидува да нанесе штета на СДСМ.

„Владо Бучковски не може да игра на ниедна карта. Сам е карта во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, кој се служи со удбашки методи за да направи раздор и во СДСМ и во здружената опозиција. Сакам да кажам дека е апсолутно легитимно некој член на СДСМ дури и јавно да ја критикува политиката на партијата, кадровската политика, но под еден услов, доколку мотивот е да стане подобро. Но најжестоко ќе се бориме да ја разобличиме и да ја победиме таа игра, ако некој е уценет и мора да го игра удбашкото сценарио на актуелната влас“, рече Црвенковски.

За лидерот на СДСМ е нејасно како на Бучковски му успеало тоа што не му успеало на друг критичар на власта, што, според него, се јавува сомнеж дека е во „коалиција“ со ВМРО-ДПМНЕ и со Али Ахмети.

„На еден магичен начин успеа судски процес да стави во бункер и факт е дека во случајот со „Дојче Телеком“ актуелната власт препознава за кои луѓе се работи и не покренува постапка. Факт е дека Бучковски во своите интервјуа пред шест месеци најавуваше дека на следните локални избори очекува да се појавуваат независни кандидатури, што се случува сега. Ја повикувам јавноста да не суди дека има нешто лично, ниту дека се работи за партиски пресметки, ниту причина е што имал критички опсервации за СДСМ. Клучното прашање е, зошто не се расчистува криминалот со „Дојче Телеком“ и за тенковските делови? Сè додека не се расчисти, тоа не е шпекулација, туку нешто што го гледаме на дело – рече Црвенковски.

„Која е таа моќ која не им беше позната на адвокатите на Велија Рамковски и на Љубе Бошкоски? Излеговме со кривична пријава против непознат сторител за докажан криминал од страна на американските власти дека во Македонија е направен криминал, односно поткуп, дека се дадени пет милиони евра на македонски функционери за да не го либрализираат пазарот со телекомуникации, а ВМРО-ДПМНЕ само после половина час го спомена името на Бучковски. Тогаш, зошто надлежните институии не спроведат истрага“, праша претседателот на СДСМ.

Црвенковски во интервјуто кажа дека најголема грешка му била што се кандидирал за претседател, а Бучковски го поставил да ја води партијата.

„Погрешив, но не обвинувам никого. Од тој момент почна раслојувањето. Првпат се формираа партии кои произлегоа од СДСМ, почнаа кавгите и расправиите. Најлесно е да кажам дека е тоа одговорност на оние кои во тоа време раководеле со партијата, но не можам да се ослободам од одговорност и од грижата на совест, што дозволив таквите да дојдат на чело на партијата“, рече Црвенковски.

Би можело да ве интересира

Левица: 100 Дена нова влада стара политика – ДПМНЕ ја продолжува праксата на СДС

Предраг Петровиќ

Лефков: Владата на СДС и ДУИ набавила софтвери за 9.5 милиони евра, од кои дел не се ни користат, наместо да фрлаат пари можеле да купат 100 возила за гасење пожар

Предраг Петровиќ

СДСМ: 100 дена Влада на Мицкоски, 100 дена изговори, скандали и разочарувања

ВМРО-ДПМНЕ: СДС вината за тонењето треба да ја бара кај себе, а за навредите мора да им се извини на граѓаните

Кој навредува, а кој не знае да чита – ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ продолжуваат со обвинувањата

Катерина Ѓуровски

ВМРО-ДПМНЕ: Најостро ја осудуваме навредата на СДС дека народот и граѓаните се „будали”