По настапот на македонските параолимпијци на Олимписките игри во Рио, селекторот на стрелците Бранимир Јовановски даде свое видување за постигнатите резултати.
Во текот на вчерашниот, последен ден од Игрите настапија двајцата наши учесници во дисциплината Малокалибарски пиштол слободен избор 50 метри. Оливера Наковска-Бикова заврши на 4.место, додека Ванчо Каранфилов на 30. Позиција.
– Стрелците дадоа се од себе. Таков е спортот, некогаш оди како подмачкано, некогаш колку и да се трудите работите испаѓаат далеку од посакуваното. Наковска – Бикова стрелаше во конкуренција на 34 најдобри стрелци на планетава во овој момент и „машки“ се избори за четврто место, кое според мене е еднакво на освоен медал. Искрено им честитам на моите стрелци за борбата која ја прикажаа за време на Параолимписките игри, за храброста, пожртвуваноста и гордоста со која ги бранеа боите на нашата држава на игрите, за постигнатите резултати и пласмани, изјави селекторот Бранимир Јовановски.
Претходно (9 септември) во дисциплината воздушен пиштол Оливера Наковска-Бикова, со резултат од 374 кругови влезе во финалето како третопласирана од квалификации и го освои конечното 7-мо место и го задржа во сопственост и во наредните 4 години параолимпискиот рекорд во квалификации (381 круг од Лондон 2012), додека Ванчо Каранфилов во истата дисциплина во конкуренција на мажи со резултат од 556 кругови го освои 16-то место.
На 11 септември настапија во дисциплината Спорт пиштол 25 метри микс, Оливера Наковска-Бикова со резултат од 558 кругови се пласира на 14-то место, додека Ванчо Каранфилов со резултат од 542 кругови го зазеде 24-то место.