Со крводарителска акција и акција за собирање прехранбени продукти и други средства, Амбасадата на САД во Македонија денеска го одбележи Националниот ден на служба и знак на сеќавање на жртвите, преживеаните и оние кои помагаа по нападите на 11 Септември.
Американскиот амбасадор Џес Бејли во обраќањето по овој повод се осврна на катастрофалните поплави кои неодамна го погодија скопско, како и земјотресите од деновиве во Македонија.
Големите катастрофи, како што рече Бејли, не можат да се предвидат. – Изминативе неколку месеци и тука во Скопје се случи катастрофална поплава. Поради тоа мора да направиме се што е во наша можност да ги дочекаме што повеќе подготвени, истакна американскиот амбасадор.
Според Бејли, единствено нешто што сите може да го направиме во контекст на катастрофите и на несигурноста е да се подготвиме, а еден од начините е да се дарува крв.
– Ние не знаеме каква ќе биде катастрофата, но знаеме дека таа најчесто ги повредува луѓето, а на повредените најчесто им треба крв. Единствен начин да се собере крв е таа да се донира од секој поединечно, изјави Бејли.
Акцијата во Американската амбасада беше организирана во соработка со Црвениот крст на Град Скопје и со Институтот за трансфузиологија, а покрај вработените во амбасадата крв даруваа и членови на политички партии, функционери и граѓани.
Националниот ден на служба и сеќавање е востановен во 2002 година како начин преку добротворни акции да се покаже почит кон жртвите, преживеаните и сите што помогнаа во справувањето со последиците од нападите на 11 септември. Во 2009, Конгресот на САД усвои сојузен закон, подржан од двете партии, со што го прогласи 11 септември за Национален ден на служба и сеќавање.