Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците денеска расправаше по предлог законот за изменување на Законот за престанување на важење на законот за определување на услов за ограничување за вршење јавна функција, пристап до документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност во прво читање поднесен од пратениците Горан Сугаревски и Васко Ковачески од СДСМ.
Со измените, како што рече Сугаревски, се предлага мандатот на Комисијата за верификација на фактите наместо две години, како што претходно беше донесен во август 2015, да биде една година од денот на отпочнување на примена на законот.
– Морам да констатирам дека ВМРО-ДПМНЕ оваа Комисија за лустрација ја претвори во класичен инструмент за отстранување луѓе кои се политички неистомисленици на ВМРО-ДПМНЕ и севкупно на владејачкото мнозинство. Да потсетам пред враќањето на опозицијата во Собранието на 1 септември 2015, владејачкото мнозинство донесе Закон за престанување на важењето на законот за лустрација со кој по препораките на Прибе го укина постоечкиот Закон, истакна Сугаревски.
Според него укинувањето на постоечкиот Закон е дискутабилно и нелогично и дека е донесен Закон за престанување на Закон со одложно дејство. Потенцира дека со тој Закон се овозможило Комисијата за лустрација да продолжи во наредните две години да не работи ништо и да зема плата. Сугаревски праша на што ќе бидат потрошени 300 илјади евра кои се определени за Комисијата која со Закон и е престанато нејзиното важање освен на мандатот на членовите.
Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ во реплика рече дека СДСМ како политичка партија ги изедначува кодошите со фамилиите коишто со текот на годините имале невиден терор над нив, на нивните членови во нивниот живот и нивното професионално дејствување.
– Со кое лице сакате да ги тргнете кодошите и да ги направите херои. Со вашите постапки, за жал, ги изедначувате жртвите, фамилиите, луѓето коишто уназад години трпеле во својот живот, со постапките на платени кодоши и на регистрирани информатори на тајната служба, истакна Илиоски.
Според него, на Комисијата во двете години и е должност да ги доработи сите отворени и почнати случаи и дека не смее да отвора нов случај.
Рафиз Алити од ДУИ истакна дека не ја поддржува иницијативата да се заклучи затворањето на Комисијата, туку дека таа треба да се затвори на, како што рече, природен начени или во еден нормален процес.
– Никаков ефект не даде лустрацијата. Таа требаше да биде донесена во 1993 година бидејќи навистина Република Македонија има потреба од тоа. Не само Македонците што не се согласувале со тој систем туку и Албанците биле големи жртви и биле етикетирани, кога во тоа време ги барале своите права, истакна Алити.
Андон Чибишев од ВМРО-ДПМНЕ како повикан од говорот на Сугаревски во својата реплика рече дека ВМРО од своето формирање постојано го следат контраверзии, и, како што нагласи, тоа се случува и во денешно време. Според него ВМРО секогаш низ историјата биле трн во око на домашни и странски персони.
– Сметам дека немаме право некого да го обележиме како кодош. Затоа оваа држава донесе Закон и формираше Комисија која доби национален консензус да ги расчисти тие работи од минатото, рече Чибишев.
Ковачевски од СДСМ, кој е еден од предлагачите на овој Закон, праша зошто ВМРО-ДПМНЕ на две недели пред доаѓањето на СДСМ во Собранието го укина Законот за лустрација, иако владејачкото мнозинство знаело дека според пржинскиот договор опозицијата требало да се врати во Собранието.