Иднината на Македонија и на Албанија е во Европската унија, оценија денеска во Тирана премиерите на двете земји Никола Груевски и Сали Бериша.
Претседателот на македонската Влада на заедничката прес-конференција со неговиот албански колега истакна дека двете земји ќе соработуваат за реализација на заедничката цел – членство во ЕУ.
Бериша, пак, посочи дека Албанија ја поддржува интеграцијата на Македонија во ЕУ и смета дека заслужува да ги почне преговорите за членство. Ја повтори албанската поддршка и за НАТО, посочувајќи дека иако официјално се уште не е членка, Македoнија де факто е дел од Алијансата.
Груевски и Бериша ги оценија билатералните односи како многу добри. Се заложија за почитување на правата и слободите на малцинските заедници во двете земји и ја нагласија улогата на Албанците во Македонија и на Македонците во Албанија во зацврстувањето на врските меѓу двете земји.
Двајцата премиери разговарале и за економската соработка, за Коридорот 8 и за можностите за инфраструктурно поврзување – енергетско, железничко и автопатско.
Во Тирана денеска беа потпишани и два меѓувладини договора – за меѓусебно признавање на возачките дозволи и за отворање на граничниот премин Требиште – Џепчиште.