ДОМ предлага пакет закони во урбанизмот за нормален живот

Од:

За ДОМ е неприфатлив хаосот што владее во урбанизмот, антиеколошки и антидемократски, воден исклучиво од бизнис интереси. Неопходна е промена на концептот во урбанизмот и градежништвото. Овие дејности треба да бидат во функција на граѓаните, за задоволување на потребите за хумано, здраво и квалитетно живеење. За таа цел, ДОМ како зелена партија, предлага пакет закони во урбанизмот, за нормален живот на граѓаните: нов Закон за просторно и урбано планирање, нов Закон за градење, вистински Закон за зеленило и закони за градски архитект.

Овие закони треба да се базираат врз урбанистички стандарди и нормативи кои водат сметка за намената на просторот, густината на населението, висината на објектите, зелени површини, проветрување, изложеност на сонце, проток на сообраќај и редица стручни параметри.

Ова се наши долгогодишни заложби, кои досега не наидоа на политичка поддршка. ДОМ, во соработка со експерти од институциите, изработи Закон за зеленило, по примерот на германските и австриските закони, со обврска за строга заштита на зеленилото, со нормативи за 25 метри квадратни зеленило на ниво на град и 10-30% зеленило на ниво на градежна парцела. Законот три пати го предлагавме во Собранието и беше одбиван, за неодамна да помине еден т.н. закон за зеленило, без нормативи и без механизми за негова заштита.

ДОМ исто така изработи, во соработка со стручните здруженија на архитекти, и закони за враќање на функцијата градски архитект, со Совет на градски архитекти. Тоа беа измени во Законот за Град Скопје и Законот за локална самоуправа, каде предлагавме архитектите да бидат предлагани исклучиво од еснафските здруженија, за да се намали влијанието на политиката во една толку важна и стручна област како што е урбанизмот. Овие експертски тела би биле брана пред напливот на желби и интереси на политичарите да си вцртуваат објекти таму кај што не им е местото, зашто, едноставно, просторот и естетиката тоа не го дозволуваат. За жал, ни овие закони, изработени според примерот на повеќе европски земји, не поминаа во Собранието.

Овој пакет закони во урбанизмот што ги предлага ДОМ, се дел од нашата програма и наше барање за идната влада, која и да биде, за да ги донесе во првите 100 дена од своето владеење. Само така, ќе може да се покаже искрена воља за демократски промени и во оваа сфера, која е клучна за квалитетот на живот на граѓаните.

ДОМ инсистира на овој пакет закони, зашто стана секојдневие да имаме по некој скандал поврзан со урбанизмот и екологијата. Канализациона цевка пукна и го поплави градилиштето карши МНР, зашто некој си замислил таму зграда, некој друг ја одобрил, некој трет почнал да ја гради, а никој од нив не водел сметка за подземниот катастар, ниту за просторниот план, според кој урбанистите таму не предвиделе таков објект, поради редица логични и стручни причини.

Граѓани протестираат на многу локации низ Скопје, бранејќи ги парковите и своето право на здрава животна средина, зашто преку ноќ им доаѓаат багери да им копаат и во дворот да им всадат „бетонска печурка“. Багерите ги праќа некој, кој се повикува на јавен интерес за да гради онаму, кајшто очигледно постои само личен интерес на неколку моќници од политиката и бизнисот!

Откако речиси се пополни центарот на градот, сега им е редот на скопските населби, онаму кај што живее мнозинството население и каде што има најмногу зелени површини. За урбанистичката офанзива и нејзините јуришници, населбите се градежен рај, зашто за нив парковите се „празен простор“ и „градежни парцели“!

Неодамна во Собранието се донесе најново дополнување на Законот за просторно и урбано планирање, кое е направено во функција на инвеститорите, а на штета на граѓаните и нивниот квалитет на живот. Според овие одредби, практично секој може да си проширува и спојува парцели, па на нив да си гради „зградички“ и да си прави бизнис во кој „ќе отвора нови работни места“, како што објаснуваа некои од пратениците, бранејќи го ова чудо од закон! Законот, кој и досега беше крпеница од бизнис желби во политичка обланда, сега стана опасен по животот на граѓаните!

Би можело да ве интересира

ДОМ: Се противиме на промени во урбанистичкото планирање на брза рака

ДОМ: Интеграција наместо сегрегација

Вонреден конгрес на ДОМ – до локалните избори партијата ќе има в.д. раководство

Претседателката на ДОМ поднесе оставка

Горан Наумовски

ДОМ поддржува влез на ВМРО-ДПМНЕ во Владата, за продолжување на евроинтеграциските процеси

ДОМ со условена поддршка за Владата

Катерина Ѓуровски