Меѓународната организација „Амбасадори на универзалниот мир“ (Universelle des Ambassadeurs de la Paix) го избра македонскиот драмски писател Зоран Пејковски за почесен амбасадор на мирот.
Во оваа, една од најголемите светски организации, со која претседава Габриел Симонд, членуваат 100 држави и 1.000 амбасадори, и се со една заедничка мисија – мир во светот, изјави за МИА, битолчанецот Пејковски.
– Задоволство е да се биде член во една ваква светска организација во која членуваме со уставното име на Република Македонија. Целите и задачите на оваа светска организација за мир се оддавање на респект на мажите и жените од сите земји, од сите националности, сите средини, на сите верски семејства, духовни заедници, кои работаат за мирот на глобално и национално ниво. Тоа значи промовирање на нивната работа, говор, активности,книги, филмови, конференции…, и во таа смисла очекувам дел од моето творештво да биде споделено со другите избрани амбасадори, посочи Пејковски.
Зоран Пејковски е член на Друштвото на писателите на Македонија, Македонското научно друштво-Битола, главен и одговорен уредник на неделникот „Јавност“ и драматург во Народен театар-Охрид.