Министерството за финансии денес запиша 34 милиони евра во државни хартии од вредност. Иако за враќање доспеваа 29 милиони евра, министерот Миноски повторно одлучи да го зголеми јавниот долг за нови 5 милиони евра.
Станува јасно дека оваа влада во заминување ја однесе државата и граѓаните во должничко ропство. Незаконската еврообврзница од 450 милиони евра за оваа неодговорна власт не е доволна за сервисирање на редовните обврски на буџетот.
Место во најмала рака задолжувањата на домашниот пазар на хартии од вредност да се во рамките на износот на долговите што доспеваат за враќање, министерот Миноски продолжи со трупање на нови долгови. Ова ли е приближување на нето домашниот долг на годишно ниво кон 0(нула), како што самиот изјави пред извесен период.
Повторно укажувам дека секое вакво задолжување на Владата без согласност на Дополнителниот заменик министер за финансии е незаконско.
Предупредувам дека ќе ги искористиме сите правни средства што ни стојат на располагање за да го оспориме ваквото незаконско задолжување на товар на граѓаните.
Сите задолжувања што оваа Влада и ги прави на Р.Македонија ќе мора да бидат преиспитани посебно во предизборниот период, реагира Кире Наумов, Дополнителен заменик министер за финансии.