Поранешниот македонски кошаркарски репрезентативец Џеремаја Мејси за првпат ќе биде во ситуација да настапува за клуб од Македонија, бидејќи во новата сезона ќе игра за МЗТ Скопје Аеродром. Тој во интервју за клупската веб страна изјави дека е пресреќен што повторно е во Македонија.
– Изминативе години одржував каква-таква врска со поранешните репрезентативни соиграчи, но тоа се сведуваше само на СМС-пораки и куси телефонски разговори. Пресреќен сум што со потписот за МЗТ Скопје добив и можност повторно да се најдам во средина со луѓе кои ги сметам за пријатели и со кои се чувствувам одлично како Перо Антиќ, Дарко Соколов, Тодор Гечевски и други. Сигурен сум дека пред мене е одличен период, кој ќе биде крунисан со добри игри во сино-белиот дрес, истакнува Мејси.
Од претходно бил делумно запознаен со средината во која сега ќе претстојува.
– Додека бев во националниот тим, а и потоа, разговарав со играчи кои во тоа време беа дел од МЗТ Скопје и нормално е дека се интересирав за клубот и за условите и начинот на работа во него. Ми кажуваа дека тоа е клуб во кој секогаш се бара атака на титулите и дека победите се приоритет. Токму ваквата амбициозност беше и една од причините поради кои се решив да потпишам за овој тим, објаснува Мејси.
Зад македонскиот Американец е повеќе од солидна интернационална кариера со настапи за екипи како Реал Мадрид, Локомотив Кубан, Арис, поради што неговото искуство ќе биде драгоцено за четата на тренерот Емил Рајковиќ во пресрет на настапите во Еврокупот и во АБА-лигата.
– Подготвен сум да бидам лидер на МЗТ Скопје. Тоа е улога која ми се допаѓа и кон која сум тежел во секоја средина во која сум бил. Не бегам од одговорноста, верувам дека можам да придонесам во остварувањето на амбициите на клубот, за кои знам дека не се мали. Малку ми е чудно што сум највозрасен, бидејќи сѐ уште не се гледам себеси како стар човек, но и тоа е нешто што ќе го прифатам. Имаме добар тим, добар микс на младост и искуство како и тренер кој одлично си ја знае работата. Верувам дека ќе оствариме добар резултат во периодот кој е пред нас, завршува Мејси.
Американецот со македонски пасош веќе десетина дена е дел од тренинзите на македонскиот шампион, а своето неофицијално деби во сино-белиот дрес најверојатно ќе го има в понеделник (5 септември) кога МЗТ Скопје ќе му гостува на грчки ПАОК.
Официјалната промоција на Мејси во сино-белиот дрес ќе се случи на 1 октомври на стартот од АБА-лигата и тоа во Белград во пресметката со актуелниот шампион во ова натпреварување, Црвена звезда.