Израелскиот министер за одбрана Ехуд Барак ја најави денеска можноста за нови напади врз Појасот Газа, доколку Хамас целосно не го почитува договорот за прекин на огнот.
– Прекинот на огнот може да трае девет денови, девет недели или повеќе, но доколку не се почитува, ние знаеме што ќе направиме, односно е јасно дека ќе ја разгледаме можноста за обновување на воените дејствија во случај на нови напади и провокации, нагласи Барак.
До изутринава договорот за примирје се почитуваше во Појасот Газа, по една недела вооружени судури во кои загинаа 155 Палестинци и петмина Израелци. Спогодбата стапи во сила синоќа во 19:00 часот по Гринич, по дипломатските напори на Египет и САД.
Во врска со договорот Барак напомена дека станува збор за текст, под кој нема ставено потписи.
– Тоа не значи дека тој нема вредност, но значи дека тој ги подразбира договорот што ние го постигнавме со Египќаните од една страна и договорот меѓу Хамас и Египет од друга страна, како и ограничувањата, кои ги прифатија двете страни, изјави министерот за одбрана.
Тој посочи дека најважна точка од договорот е сите палестински групи да ги спречат своите непријателски дејствија против Израел, а во таа смисла и истрелувањето на ракети или нападите врз израелската армија долж границата со Појасот Газа.
Барак додаде дека доколку мирот се запази, тогаш палестинските земјоделци ќе можат да го обработуваат земјиштето дури до самата граница на Газа со Израел.
Истовремено на Западниот Брег израелските сили задржаа 55 осомничени палестинци борци, кои се припадници на неколку вооружени палестински групации.