НДМ до ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ: Прекинете ги преговорите, еве ви решение за медиумите и ајде сите на избори во декември

Од:

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ повторно заглавија на прашањето за медиумите, овојпат не можат да договорат петти член во ад хок телото за надзор на медиумите. Како по навика, повторно на повидок е замешување на странците, со што земјата и понатаму во очите на демократските држави се претставува како незрела демократија, која не може да обезбеди излезни решенија, рече Ѓорги Тодоров, член на Извршниот комитет на НДМ.

„Поради ова, НДМ презема поактивна улога за да помогне во изнаоѓање на решение за медиумите кое ќе ни овозможи на сите овој проблем да го сметаме за проблем на минатото и најпосле да излеземе на избори во декември.

НДМ бара преговорите за медиумите веднаш да прекинат, бидејќи несогласувањето меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги доведува во прашање изборите во декември 2016.

Eве го предлогот на НДМ за медиумите кој лично им е доставен на Груевски и Заев.

НДМ предлага утврдување законска обврска за медиумите без финансиски надомест од партиите рамномерно на дневна основа да го распределат времето во 20-дневната изборна кампања на сите партии учеснички во изборите.

Со цел приватните медиуми да не трпат финансиска штета, следните избори целосно да се финансираат од буџетот и на медиумите да им се додели еднократен паричен износ од буџетот како обештетување заради тоа што рамномерно ќе го распределат времето во изборната кампања без надоместок од партиите кои учествуваат на изборите.

Значи, најважното прашање за медиумите и партиите ќе биде решено: медиумите финансиски ќе бидат обештетени, а партиите ќе добијат еднаков третман за време на 20-дневната изборна кампања.

Со ова, отпаѓа потребата од натамошни преговори и кавги околу медиумите и измислување на разни квази тела во стилот на ад хок телото за медиуми.

Во услови на длабока политичка криза, НДМ смета дека понуденото решение за медиумите дава најдобри шанси за фер и регуларни избори.

Доколку пак не се прифати понуденото решение, станува јасно дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ само блефираат дека сакаат избори во декември, а во заднина работат да не дојде до избори поради стравот од директно соочување со граѓаните.

За НДМ нема дилема. Стравот на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ од избори е оправдан, бидејќи сите анкети покажуваат дека над 60 отсто од граѓаните сакаат нов политички избор и разбивање на двопартизмот на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Да потсетиме, токму НДМ го започна процесот на разбивање на двопартизмот, храбро и решително.

За крај, НДМ силно апелира до колегите од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ: Прекинете ги преговорите за медиумите со кои ја срамите земјата, еве ви решение за медиумите, и ајде сите на избори во декември 2016“, рече Тодоров.

Би можело да ве интересира

„Единствена Македонија“: Скандалозно е што Заев избрал фукницонери кои си играат и учат како се води држава

Ана Ололовска

ВИДЕО: Бачев поднесе иницијатива со која бара Македонија да не влезе во НАТО

Ана Ололовска

„Единствена Македонија“ официјално ќе побара од Собранието повлекување од НАТО

Ана Ололовска

НДМ стана „Единствена Македонија“: Сојуз со Русија и членство во Еворазиската унија

Наум Локоски

НДМ: Нимиц ја крши резолуцијата 817, Македонија да го префрли спорот за името на правниот терен

Ана Ололовска

НДМ: Столтенберг да им пренесе на НАТО и ЕУ – Жива е Македонија, жив е македонскиот народ!

Ана Ололовска