Западни медиуми информираат дека во главниот град на Чешка бил спречен обид за атентат на германската канцеларка Ангела Меркел, која е во посета на земјата.
Чешката полиција уапсила вооружен маж кој се обидел да влезе во колоната со возила во која што била германската канцеларка Ангела Меркел, а како што пренесуваат германските и британските медиуми, голема била веројатноста дека бил спречен атентат над Ангела Меркел.
Британски “Мирор” пишува дека уапсениот маж возел црн автомобил марка „Мерцедес“ и во еден момент со својот автомобил се обидел да се инфилтрира меѓу автомобилската придружба на германската канцеларка која што била во официјална посета на чешката престолнина Прага.
Локални полициски службеници откриле дека човекот бил уапсен под сомнение дека планирал да изврши злосторство „против високи функционери“, а случајот сега бил во рацете на детективите од полицијата во Прага. Се очекува против него да биде поднесена кривична пријава за што му се заканува казна затвор до 4 години.
“ Најверојатно се работи за умисла, бидејќи мажот со своето однесување не ги почитуваше повиците на полицијата да не влегува во колоната на придружни возила“, изјави портпаролот на полицијата Јозеф Боцан.