Писателката Лидија Димковска ја одби поканата за учество на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“.
Откако професорката Елизабета Шелева си даде оставка во жири комисијата која одлучуваше за наградата „Браќа Миладиновци“ во знак нa протест што комисијата не ја вклучи збирката на Димковска „Црно на бело“ во потесниот избор за наградата.
„Ви благодарам на поканата за почесен гостин – учесник на 55-тото издание на Струшките вечери на поезијата. Иако во поканата пишува дека верувате дека моето присуство на фестивалот ќе придонесе за успешноста на овој значаен собир на поети од целиот свет и искрено се надевате дека ќе ја прифатам, би сакала да Ве известам дека со оглед на околностите во кои ја добив Вашата покана (оставката на проф. Елизабета Шелева од жири-комисијата за наградата „Браќа Миладиновци“ токму поради мојата поетска книга „Црно на бело“) сметам дека поканата од Ваша страна е апсурд над апсурдите и затоа НЕ ЈА ПРИФАЌАМ. Ви посакувам успешен фестивал и помалку тајни и/ли јавни манипулации со кои сами, како организатори, го рушите угледот на Струшките вечери на поезијата“, напиша Димковска во одговорот до СВП.
На својот фејсбук профил, Димковска ги објавила и писмото со поканата од директорите на СВП и сопственото писмо во кое ја одбива и причините за тоа.