Ланскиот тендер за чистење на просториите на Владата и на министерствата, вреден повеќе од 10 милиони евра, бил осмислен и спроведен на начин со кој се елиминира конкуренцијата, упатува истражувањето на БИРН. На крајот тоа и се случило, на јавната аукција се појавила само една компанија, која ја намалила почетната цена за само 16 денари, пишува Призма.
Веќе 14 години, фирмата „Секјуриком“ е задолжена да ги чисти Владата и поголем дел од министерствата, односно оваа фирма од 2002 година, кога го склучила првиот договор со државава, па наваму, ги добива владините тендери за хигиена и за одржување.
БИРН, преку ланскиот десетмилионски тендер, го истражуваше начинот на кој „Секјуриком“ станува непобедлива фирма, практика што фрла сомнеж дека тендерите се „цртаат“ во корист на одредени компании.
Истражувањето нѐ води кон заклучокот дека Владата ѝ овозможила на „Секјуриком“ да се појави како три различни компании на тендерската анкета, само за да се создаде привид дека на пазарот има повеќе од пет фирми способни за обемни работи, сè со цел да не се дели тендерот и со тоа да се намалат шансите на помалите конкуренти.
Дел од бизнисмените се незадоволни како се спровел тендерот, меѓутоа се претпазливи и јавно не говорат.
„Денес може да те снема од бизнисот, ако проговориш“, велат тие.
Сами на себе си глумеле конкуренција
На 1 јули 2015 година, Службата за општи и заеднички работи на Владата ги известила фирмите што одржуваат хигиена дека подготвува тендер, ги запознала со условите и побарала компаниите да ѝ кажат дали се способни да ја извршат задачата, така како што е замислена и следствено на тоа да учествуваат на тендерот, зголемувајќи ја конкуренцијата.
Уште во овој прв чекор, пред објавување на тендерот, има најблагоречено недоследности.
Владината служба известила осум компании, меѓутоа испуштила да информира неколку сериозни фирми кои со години работат во бизнисот за чистење, а некои од нив имаат и искуство чистејќи државни институции.
На прашањата на БИРН зошто тие не се информирани и според кои критериуми се избрани фирмите вклучени во анкетата, од владината служба одговорија:
„Извршивме анализа на пазарот согласно член 36-а, став 2, алинеја 3 од Законот за јавни набавки“.
Понатаму, истиот 1 јули и наредните два дена, седум од осумте информирани компании одговориле дека можат да ги извршат сите задачи што се поставуваат со тендерот, односно да ги чистат, одржуваат и да ги обезбедуваат сите владини и просториите на другите министерства, што на хартија значи дека имало доволно конкуренција на пазарот и дека тендерот не треба да се дели или да поминува на оценување кај Советот за јавни набавки.
Законот за овој вид тендери предвидува повеќе од пет фирми позитивно да се изјаснат на анкетата.
Само еден поглед врз компаниите открива дека дури три од седумте фирми му припаѓаат на ист сопственик, односно на газдата што стои зад фирмата победник на тендерот, „Секјуриком мултисервис интернационал“.
Тоа е австрискиот бизнисмен Волфганг Гампер.
Дополнително, една од трите фирми на Гампер, која се изјаснила дека е во можност да ги исполни задачите, има само тројца вработени, иако минимум услов за некоја фирма да учествува на тендерот е да има најмалку 571 вработен.
Сопственикот и управител на „Секјуриком“, Австриецот Волфганг Гампер, за БИРН вели дека не е спорно тоа што некој во Македонија има повеќе фирми и оти треба Владата да се праша зошто ги анкетирала сите три негови компании при подготвувањето на тендерот.
„Анализата се врши на економски оператори, а не на сопственици“, кусо одговорија од владината служба.
Целиот тескт прочитајте го на Призма.