Турција прифати 170.000 сириски бегалци заради конфликтот во соседна Сирија и досега за нивните потреби има потрошено над 400 милиони долари, изјави претседателот на турскиот парламент Џемил Чичек, цитиран од агенцијата Анадолија.
Чичек, по вчерашната средба со претседателот на Парламентарното собрание на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) Рикардо Миљори, го критикуваше пристапот со кој меѓународната заедница возвраќа на хуманитарните потреби на бегалците.
-Над 170.000 лица избегаа од жестоките борби и хаосот во Сирија, каде секој ден се убиваат луѓе, и потоа засолниште најдоа во Турција, рече Чичек.
Парите, што Турција досега ги потрошила, изнесуваат над 400 милиони долари, посочи уште претседателот на парламентот.
-Од почетокот на 2012 година ние кажуваме дека би примиле помош за овие луѓе. До овој момент никаква особена помош не е пристигната, се пожали Чичек.