Израел е подготвен да ја прошири офанзивата во Појасот Газа, но претпочита долготрајно дипломатско решение на заканите од ракетните напади од палестинската територија, изјави синоќа израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
– Доколку има можност за постигнување на долготрајно решение на тој проблем со дипломатски средства ние и даваме предност на таа варијанта, рече Нетанјаху пред новинарите, придружуван од американскиот државен секретар Хилари Клинтон, која кусо пред тоа пристигна во Израел.
– Но доколку нема таква можност, сигурен сум дека вие разбирате дека Израел треба да ги преземе сите неопходни мерки за заштита на народот, додаде премиерот.
Клинтон истакна дека ќе работи со Израел и со Египет со цел што е можно поскоро да се постигне примирје во Појасот Газа.
– Заложбите на САД за безбедноста на Израел се цврсти како карпа, рече американскиот државен секретар.
Клинтон додаде дека САД поддржуваат трајно решение на конфликтот, кое ќе доведе до регионална стабилност и зајакнување на безбедноста и законските барања на Израелците и Палестинците.
Нетанјаху и Клинтон во текот на двочасовната средба разговараа за начините на прекин на насилството во Појасот Газа, се наведува во соопштението на Стејт департментот. Во разговорите освен Нетанјаху и Клинтон учествуваа и министрите на Израел за надворешни работи и одбрана Авигдор Либерман и Ехуд Барак и други официјални претставници.
Портпаролот на Стејт департментот Викторија Њуланд изјави дека на средбата биле разгледани напорите за намалување на насилството во Појасот Газа и досега постигнатите резултати во таа насока, гарантирањето на безбедноста на Израел и подобрувањето на условите за живот на населените во Појасот Газа.
Клинтон изутринава во Рамала е предвидено да се сретне со палестинскиот претседател Махмуд Абас, по што ќе го посети Каиро на преговори со египетскиот претседател Мохамед Морси.