Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска побара прошка од Бога и од народот, бидејќи не го видел навреме „вистинското лице“ на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кого Анкара го обвинува за организирање на неуспешниот обид за преврат на 15 јули.
Ѓулен беше близок соработник на Ердоган додека сегашниот претседател беше градоначалник на Истанбул во 90-тите години на минатиот век и откако неговата партија дојде на власт во 2002 година.
– Се чувствувам тажен дека не го видов многу порано вистинското лице на оваа предавничка организација. Нека ми простат и Бог и народот, изјави Ердоган во телевизиско обраќање, мислејќи на движењето Хизмет на Фетулах Ѓулен.
Ѓулен, кој живее во егзил во САД, ги отфрла обвиненијата на турските власти дека тој го организирал обидот за воен удар во Турција.