Со едукација и знаење до превенција од сексуална злоупотреба и педофилија

Од:

Информативно-едукативен материјал за превенција на децата од сексуална злоупотреба и педофилија промовираа денеска министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски и секретарот на Црвениот крст на Град Скопје, Сузана Тунева – Пауновска во ОУ „Св. Кирил и Методиј“.  Изработката на едукативниот материјал е дел од кампањата „Со едукација и знаење до превенција од сексуална злоупотреба и педофилија“.

Министерот Ристовски истакна дека насилството врз децата го загрозува нивниот развој, а последиците се тешки и долготрајни.

– Со цел справување со проблемот на сексуална злоупотреба на децата и педофилијата, Македонија со етаблирањето на Националното интерсекторско тело и со донесувањето на Програмата и „Акцискиот план за превенција од сексуална злоупотреба и педофилија за 2009-2012 година“, настојува да делува на намалување на оваа појава и справување со последиците од неа преку подигање на јавната свест, преземање превентивни мерки, обезбедување координирана и ефикасна заштита, помош, рехабилитација и реинтеграција на децата-жртви на сексуална злоупотреба, рече Ристовски.

ЈУ Завод за социјални дејности, посочи тој, спроведе обука за стручните работници за препознавање на сексуално злоупотребено дете.

– Едукативно информативниот материјал е дистрибуиран во основните и во средните училишта. Во рамки на кампањата се реализираа и едукативни работилници во училиштата во Република Македонија. Во однос на бројот на деца жртви на сексуална злоупотреба и педофилија, центрите за социјална работа во Македонија имаат евидентирано 43 случаи, потенцира Ристовски.

Со цел ефикасно и навремено справување со проблемот на сексуална злоупотреба и педофилија, изработен е флаер „Секое дете има право да биде згрижено и заштитено од насилство, злоупотреба и занемарување“, наменет за учениците од основните училишта.

Тунева – Пауновска истакна дека направиле добра евалуација по завршување на првата фаза и оти сите научени лекции ќе ги направат посилни во втората фаза која почнува идната недела и во рамки на која ќе се одржат работилници на која Заводот за социјални дејности ќе спроведе обука на 35 волонтери на Црвениот крст и претставници од центрите за социјална работа.

– Ќе работиме на територија на целата држава. Првите работилници ќе бидат наменети за обука на врснички едукатори. Се работи пред се за млади луѓе кои ќе бидат обучени да можат практично да го применат овој флаер кој денеска го промовираме. Замислено е дека на тој начин со врсничка едукација ќе допреме многу поблиску до децата, заради тоа што е многу полесно кога нивните другарчиња од една страна се едукатори и заеднички ги пренесуваат информациите кои ние сакаме да допрат до секое дете, посочи Тунева – Пауновска.

Почнуваме овој месец, како што рече, и целата кампања ќе трае заклучно со 10 јуни идната година.

Министерот Ристовски одговарајќи на новинарско прашање рече дека регистарот на педофили беше предмет на дискусија на повеќе субјекти.

– Сметам дека јавноста се адаптира на изработениот регистар, се адаптира на она што е негова цел, а тоа е навремена информираност на родителите, пријателите, роднините, возрасните луѓе во однос на информации за тоа дали во нивното населено место има лице кое е осудено за педофилија пред се во насока на заштита на сопствените деца. Регистарот ги дава потребните резултати и е еден од најпосетуваните кој е јавно достапен во Македонија од причина што конечно никој не смее да биде рамнодушен кога станува збор за права и заштита на децата, истакна Ристовски.

Потенцира дека нивниот основен мотив била заштита на децата по секоја цена, а вториот елемент е ризикот од рецидив, односно повторување на ова кривично дело.

– Научно и практично е докажано дека лицата сторители на сексуална злоупотреба и педофилија се лица кои најчесто го повторуваат ова кривично дело. Верувам дека во следниот период ќе произлеземе со дополнително нови мерки кои се уште поригорозни од оние кои постојат. Ги направивме максимално високи затворските казни за ова кривично дело, спроведовме и низа мерки, додаде министерот Ристовски.

Би можело да ве интересира

Поведена истрага против жител на струшко Велешта за детска порнографија

Мајка пријавила дека скопјанец ја гушнал и бакнал нејзината малолетна ќерка

Пријава за двајца татковци од Прилеп и Тетово кои ги силувале своите малолетни ќерки

Предраг Петровиќ

Обвинение за 63 годишен, допирал 14 годишно девојче во воз

Предраг Петровиќ

Хрватски пејач осуден за детска порнографија

Музичарот педофил претепан и избоден во затвор: „Го држеа како заложник шест часа“

Предраг Петровиќ