На пријава од граѓани на општина Карпош, ДОМ го свртува вниманието на јавноста дека во населбата Тафталиџе 1 почна да никнува урбанистички и еколошки монструм со официјално име „Настел Тафталиџе“.
Се работи за стамбено-деловен објект помеѓу улиците 8 ми Септември, Прашка и Варшавска, во продолжение на поранешна „Алумина“, кој ќе се издига над населбата со главно индивидуални куќи. Според веб-страната на инвеститорот, овој објект е „еден од најголемите во последната декада во Македонија со бруто развиена површина од околу 60.000 квадратни метри.“ Димензиите на оваа гигантска градба се 200 на 50 метри со височина од 38 метри и планирани речиси 1000 станови. Тоа значи дека во еден објект ќе се смести цело едно македонско градче, реагираат од ДОМ.
„Настел Тафталиџе“ е проблематичен од повеќе аспекти – процедурален, имотно-правен, еколошки и урбанистички:
1) Од процедурален аспект, незаконски е донесен ДУП-от за градска четврт З 06 Капиштец 1, покрај други проблематични ДУП-ови, без јавна расправа, за време на новогодишните празници.
2) Од имотно-правен аспект, незаконски се гради на национализирано земјиште за кое се води децениски спор, оптоварен со скандалозни интервенции од страна на државни институции, како што наведуваат оштетените граѓани. Од неодамна, тие повеле и кривичен спор против редица функционери на локално и државно ниво, затоа што организирано го прекршиле Законот за денационализација, според кој не смее да се отуѓува земјиште за кое се води постапка за денационализација!
3) Од еколошки аспект, оваа монструм-зграда ги гази основните правила за безбедно и хумано живеење на жителите на општина Карпош. Подигната врз зелени рекреациони терени, го нарушува животниот простор, со тоа што го запира струењето на воздухот, ги засенува објектите околу себе, нема доволно простор за возилата ни на сообраќајници ни на паркинзи и создава ненормална густина на живеење на мал простор. Новите жители ќе бидат без социјална инфраструктура: градинки, школи, игралишта за деца, места за починка и многу други услужни објекти и терени.
4) Од урбанистички аспект згазени се основните планерски принципи и се гради спротивно на ГУП-от на Град Скопје и ДУП-от на четврт, без претходно изготвување на Регулациски план за оваа четврт од страна на Градот Скопје.
Прекршени се и законските и подзаконските урбанистички акти, на пример, коефициентот на искористеност на земјиштето е 2-пати поголем од дозволеното! Сево ова може да индицира и коруптивни елементи во неговата реализација, зашто овој објект има согласности од општина Карпош, Градот Скопје, Министерството за транспорт и врски, како и други локални и државни органи и институции.
ДОМ јавно прашува како е дозволена изградба на градба со вакви вулгарни димензии, коишто ги нарушуваат и густината на населението и бројот на жители, ако се знае дека според ГУП-от на Скопје висините на објектите се утврдуваат според плански утврдена максимална густина на населеност за секоја четврт? Се чини дека само оваа зграда-монструм, на мал дел од целиот план, ќе испумпа повеќе параметри потребни за планирање на здрав животен простор на ниво на целиот четврт!
Нејасно е како е издадена согласност за овој ДУП и за овој објект со огромни димензии, кога скоро во целост се гази членот 47 на ГУП-от на Скопје кој се однесува на висината на објектот:
– Не е испочитуван јавниот интерес преку прописите за заштита и спасување утврдувајќи ја висината во корелација со должината на обрушувањето;
– Не е испочитуван јавниот интерес преку квалитетни композициски урбанистички решенија со посебна анализа на силуетата на ваквата градба, долж засегнатите улици;
– Не е испочитуван јавниот интерес преку овозможување проветрување –аерација на градскиот простор при изградба на ваква монолитна кабаста градба;
– Не е испочитувано соседското право за ненамалување на вредноста на земјиштето и градбата при изградба на градба со вакви пропорции;
– Не е испочитуван условот висината на градбата да се утврди според утврдената максимална густина на население во секоја четврт.
Поради сево ова ДОМ ги повикува надлежните институции да го испитаат случајот со „Настел Тафталиџе“ и да ги преземат следниве чекори:
– итно стопирање на градбата на спорниот објект;
– повлекување на ДУП-от и негова преработка, со почитување на урбанистичките стандарди и критериуми за хумано и еколошки здраво живеење, посочуваат од ДОМ.