Народно движење за Македонија на денешната прес конференција се осврна на штетните и опасни решенија од договорот постигнат пред два дена за надминување на кризата во делот за МВР како и за џентлменскиот договор за МВР кој остана сокриен за јавноста!
На прес конференцијата Јанко Бачев претседател на НДМ рече:
Почитувани,
Поминаа три дена од договорот за излез од кризата меѓу ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, ДПА и американскиот амбасадор во земјата.
Од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ велат дека договорот е во интерес на граѓаните и државата.
Меѓутоа, со денешната прес конференција ја запознаваме јавноста дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ работат многу повеќе за личните и партиските интереси.
Поточно, со договорот, во делот за МВР е направено државно злосторство од најмалку две причини:
Првата причина ја видоа граѓаните. Според договорот, Македонија дефинитивно станува земја на проценти. Она што го започнаа Љубчо Георгиевски и Бранко Црвенковски со рамковниот договор во 2001 кога се воспостави состојбата на проценти наместо знаење, достигнување и способност, сега го бетонираа Никола Груевски и Зоран Заев.
Имено, според договорот, министерот на СДСМ во МВР добива 15 назначувања на раководни функции, кабинетски именувања и хоризонтално распоредувања до 10% од бројот во 2013 и 2014 што биле вршени од министерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Значи, МВР се сведува на проценти меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ по вертикална и хоризонтална основа, наместо припадниците во МВР да се регрутираат по знаење, способност и достигнување.
Втората причина е скандалозниот џентлменски договор кој остана сокриен за јавноста.
Да потсетам, Џес Бејли на ден пред постигнувањето на договорот најави нова идеја.
Оваа идеја е всушност т.н. џентлменски договор кој остана сокриен за јавноста и кој ги омекна преговарачите и дојде до договор.
Според овој џентлменски договор, од 600 полициски службеници според огласот на МВР од пред една недела, ВМРО-ДПМНЕ била дарежливо и отстапило 25% вработувања на Али Ахмети и Мендух Тачи или во бројки, 150 полициски службеници, а останатите 450 да ги поделат меѓу себе Никола Груевски и Зоран Заев.
Понудата била веднаш прифатена.
Значи, севкупно, со договорот, МВР станува приватна фирма и партиски штаб на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ каде ексклузивно право за напредување или вработување ќе имаат членовите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, иако сите ја плаќаме полицијата.
СДСМ досега гордо иронизираше со терминот МВР-ВМРО, со договорот можат да бидат задоволни што сега ќе извикуваме МВР-ВМРО-СДСМ.
Со ова се дојде и до одговорот на дилемата што ја поставија од т.н. шарена револуција за мотивите на СДСМ за овој неповолен договор за нив. Произлегува дека СДСМ ги жртвуваше интересите на шарените за партиски вработувања и распоредувања по вертикална и хоризонтална основа.
Исто така, испратена е поразителна порака до граѓаните. Огласите за вработување стануваат најобична фарса и тоа не било каде, туку во МВР како орган задолжен за сигурноста и безбедноста, каде партизацијата е опасна авантура бидејќи професионалноста и способноста за полицијата се врвни критериуми.
Почитувани присутни,
Груевски и Заев како Македонци имаат патриоска обврска.
Скандалозниот договор за МВР е опасност по сигурноста и безбедноста на граѓаните.
Ја разбираме потребата на Никола Груевски и Зоран Заев да се грижат за интересите и на своите партии, но, треба да знаат дека опстанокот на земјата е осигуран ако во рангирањето на прво место е интересот на државата, на второ на партијата, а дури на трето место личниот интерес.
Затоа, НДМ ги повикува припадниците на МВР да се самоорганизираат и да го спречат ова понижување на отворена сцена на штета на народот и државата.
По промените и разбивањето на 25-годишниот двопартизам во земјата, актерите на овој срамен и опасен чин за разнебитување на МВР ќе одговараат.