По повод запирањето на евро-обврзницата од 650 милиони евра, претседателот на Либералната партија, Ивон Величковски, ја даде следната изјава:
„Заедничката оценка на „Сити Банк“, „Дојче Банк“ и „Ерсте и Сосиете Женерал“ за неприфаќање на евро-обврзницата од 650 милиони евра е за поздравување. Исто го оценувам и овој одговорен потег на Наумов, кој како доскорешен заменик-министер ги предупреди споменатите банки на ризиците за државата и за нив. Всушност, сега е јасна и вистинската причина за оставката на Ставрески, кој меѓу штетно задолжување (од 650 милиони евра) и реална проценка (од 270 милиони евра), очигледно застанал зад второто и ја напушти должноста. Државното задолжување и кредитирање е премногу сериозно прашање за да биде препуштено на една или друга партија. Тоа бара анализи и проекции на институции и промислени политики, кои ќе бидат предмет и на оценка од стручната јавност. Низ обидот на Груевски, преку Димитриев и Миновски, за трасирање на обврзницата од 650 милиони евра, гледаме колку е штетно спојувањето на партијата и државата. Да тргнеме од фактот дека буџетскиот дефицит за 2016 ќе биде неизбежно да се пополни со задолжување, односно евро-обврзница, чија висина беше проценета на 270 милиони евра. И овој износ не е мал. Јасно е дека без задолжување, буџетската кондиција, но и остварувањето на основните обврски на буџетот (плати, пензии, социјални трансфери…) ќе бидат доведени во прашање. А вината за тоа е во недомаќинското трошење на Владата на Груевски. Ако се има предвид тежината на состојбата, можеби е појасно зошто постојано инсистираме на поширока, концентрациона влада наместо предвидената техничка.“