Американскиот Стејт департмент годинава оцени дека Македонија не ги исполнува минималните услови за борба против трговија со луѓе, и ја рангираше во зоната ТИЕР 2.
„Владата на Република Македонија не ги исполнува во целост минималните стандарди за елиминирање на трговијата со луѓе, но прави значителни напори за да ги исполни. Напливот на бегалци и на мигранти претставуваше сериозен притисок врз ресурсите на Владата, но регистрирано е и значително намалување на напорите на властите да ги заштитат жртвите и да ја спречат трговијата со луѓе“, стои во извештајот.
Минатата година, невладините организации идентификувале 94 потенцијални жртви на трговија со луѓе меѓу мигрантите и бегалците кои транзитираат низ Македонија, но властите во земјата, според Стејт департментот, не истражиле ниту еден од овие случаи, а единицата за борба против трговија со луѓе не направила проценка на можни жртви на овој тип криминал.
За разлика од претходните години, Владата не доделила никакви финансиски грантови на невладините организации за фискалната 2016 година, иако граѓанскиот сектор барал вакви средства за помош на жртвите. Поради тоа, тие морале да ги намалат своите активности за справување со оваа појава.
Во извештајот се наведува дека Македонија е извор, транзит и крајна дестинација за мажи, жени и за деца кои се предмет на секс-трговија и на принудна работа. Жените и девојките во Македонија се принудени на сексуална експлоатација и на принудна работа во ресторани, барови и во ноќни клубови во земјата. Децата, претежно Роми, се принудени на питачење или на сексуална експлоатација, преку принудни бракови. Жртвите, најчесто се од Источна Европа, односно од Албанија, БИХ, Косово, Романија, Србија и од Украина.