Народно движење за Македонија и Работничката партија на денешната прес конференција соопштија дека врз основа на одлука на партиските органи на двете партии, од денеска, Работничката партија комплетно преминува во Народно движење за Македонија.
На прес конференцијата Јанко Бачев, претседател на НДМ рече:
Пред нас се уште едни парламентарни и локални избори. Сведоци сме дека во 25-годишната парламентарна историја на Македонија не и оди добро и менувањето на власт на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не менува ништо. Впрочем, актулената криза и понатаму го покажува хендикепот со патриотскиот капацитет и одговорното лидерство кај ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, бидејќи нивното однесување се сведува на меѓусебно кодошење кај странците наместо да го израдуваат народот со решение за кризата на домашен терен, со домашна памет, со сопствениот народ и со домашно политичко единство кое е најсилната брана против секаква закана. Се повеќе Македонци се свесни за ситуацијата во изминатите 25 години и се обидуваат да најдат излез од оваа лоша состојба. Затоа граѓаните сега со право се прашуваат, што и после овие избори? Изразувам задоволство што одговорот на ова многу битно прашање е токму денешното големо обединување и раѓање на една значајна политичка сила во редовите на НДМ. Ова е голем чин, важен момент за НДМ. Македонија има потреба од нов победнички избор кој го бараат граѓаните и денешното обединување е добар знак за тоа. Со задоволство ги прифаќаме сите членови на Работничката партија и нивното преминување во Народно движење за Македонија ќе го зголеми кадровскиот потенцијал и ќе донесе нов квалитет, заради што ќе дадеме се од себе нивните потенцијали, идеи и заложби да бидат искористени во партијата и државата. Впрочем, Работничката партија како една од најстарите политички партии во земјата секогаш била на првата линија за благосостојба на работниците и сите граѓани и во заштита на нивната социјалната положба, додека пак, Народно движење за Македонија секогаш било на првата линија во одбрана на националните и државните интереси. Со еден збор, денеска дојде до најпосакуваното нешто за народот и државата – обединување на социјалното и националното што гарантира благосостојба на социјален план и безбедност и заштита на граѓаните и државата. Затоа, во овие моменти за секој човек кој ја сака сопствената држава, најголем приориотет е да работи на јакнење на нов политички избор. Изразувам надеж дека денешниот чин ќе биде прифатен од сите прогресивни, патриотски сили и од граѓаните на земјата. Затоа, продолжува процесот на разбивање на двопартизмот на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кој што го започна НДМ, решително, храбро, и во интерес на народот – рече Бачев.
Панче Жежовски , претседател на Работничката партија рече: – За нас во Работничката партија, низ годините на нашето постоење, секогаш наша заложба беше напредок на работниците и земјата во целина и сметаме дека своите идеи можеме да ги реализираме единствено во Народно движење за Македонија како партија која секогаш бил на првата линија во одбрана на националните интереси. Ја користам приликата да објавам дека целокупното членство на Работничката партија, сите општинските организации, преминуваат во Народно движење за Македонија. Работничката партија со овој чекор да премине во Народно движење за Македонија го прифати повикот за обединување и окрупнување на партиите кои треба да донесат нов политички избор во Македонија. Со ова, всушност, се реализира нашата заинтересираност да изнајдеме начин како да продолжиме со нашите активности и остварување на програмските определби кои ни се зацртани од нашето постоење и работење. Кога веќе се решивме за политичко окрупнување, за нас во Работничката партија не постоеше дилема за преминување во Народно движење за Македонија. Одлучивме дека најприфатлива за нас е НДМ, партија која не е комрпомитирана и е блиска до нашите идеолошки и програмски определби кои се скоро идентични и прифатливи што не значи дека во иднина ќе нема доусогласување кои ќе биде во интерес на граѓаните. Можам и во оваа прилика да ветам дека ќе работиме чесно, искрено и конструктивно опозиционерски, што не значи дека се што е добро од интерес на сите нас граѓаните за подобро утре а и за искрена конструктивна соработка со сите партии од позиција и опозиција како и индивидуи обични граѓани кои ќе бидат добредојдени со нивни идеи и видувања, како и нивно можно зачленување и пристапување како членови и симпатизери. Поблиската соработка и активностите кои ќе ги превземаме редовно, како и секојдневното дружење со граѓаните ќе го остваруваме преку нашите општински канцеларии на почести средби и со вас медиумите. Редовно ќе информираме за нашите видувања и ставови и предлози од корист за граѓаните за нивните секојдневни потреби за подбар и безгрижен живот и напредок во сите сфери на нивното секојдневно живеење и творење на општествено-политички, социјално-економски, спортско-рекреативен, културно-просветен и иновативен план. Нека ни биде дозволено да на оваа прес конференција ги повикаме сите членови и симпатизери на Работничката партија да се приклучат за понатамошна активност, како и симпатизерии и граѓани за нивна информираност – рече Жежовски