Бегалската криза може да доведе до распад на Европската Унија, предупреди австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц во интервју за германски медиуми.
Како што јави дописникот на МИА, Курц во интервјуто миграциската политика на ЕУ ја нарекува „драматична грешка“, која станала емотивно прашање што било одлучувачко во резултатот за референдумот во Велика Британија.
Курц предупредува дека сега и други земји би можеле да го следат британскиот пример.
Според австрискиот министер, Австрија, каде што прашањето за решавање на бегалската криза е високо на агендата на граѓаните, очекува повеќе од Европа.
Курц во интервјуто се става во одбрана на политиката кон бегалците на неговата земја и од Германија бара разбирање за начинот на кој Австрија ги решава проблемите на ова поле.
Курц инсистира мигрантите да бидат пресретнати пред да се симнат од бродовите на европско тло, во спротивно според него, ЕУ директно ги поддржува шверцерите со луѓе и давењето на мигрантите во Средоземното Море.