Вториот тенисер на светот, Роџер Федерер го објави списокот на турнирите на кои ќе учествува следната сезона, а на него го нема оној во неговиот роден град, Базел.
Таа можност беше најавена пред неколку недели, кога организаторите објавија дека Федерер барал два милиони евра за да игра на турнирот, затоа што, како што вели, губи многу пари со учество, таму каде што заработуваат на него.
Во календарот на Швајцарецот нема поголеми изненадувања, освен што нема да игра на Мастерсот во Мајами, кој досега го нема пропуштено. Исто така нема да игра ниту во Монте Карло.
31-годишниот Федерер досега има одиграно над 600 мечеви и по правило нема да мора да игра на одреден број Мастерси, туку ќе може да бира каде ќе се појави, но секако ќе губи поени доколку одлучи да не игра на некој од нив.
Тој нагласи, дека постои можност распоредот да биде променет.
Наредната година Федерер ќе се појави на турнирите во Австралијан Опен, Ротердам, Дубаи, Индијан Велс, Мадрид, Рим, Ролан Гарос, Хале, Вимблдон, Роџерс куп, Синсинати, УС Опен, Шангај и Париз.