Амбасадорот на САД, Џес Бејли и директорката на Музејот на град Куманово, Анита Цветковска, денеска ја посетија мегалитската опсерваторија Кокино за да ги промовираат најновите инфраструктурни реновации на локалитетот финансирани од УСАИД и Владата на Швајцарија преку проектот за експанзија на мали бизниси и Локлната акциона група, Абер 2015.
Реновацијата вклучува нови патокази, информативни табли, заштитна ограда за камените тронови на локалитетот, мобилна апликација за аудио водење и нова официјална веб страна на Кокино (www.kokino.mk).
– Новата туристичка инфраструктура на Кокино ќе го направи полесно достапно за странски и домашки туристи кои ќе трошат пари во околните населени места. Македонија има голем потенцијал за развој на ваков вид на туризам кој е само делумно искористен, па затоа е важно да се работи на максимизирање на приливите од овој сектор на начин кој е економски, еколошки и културолошки одржлив, рече амбасадорот Бејли.
Овој проект се спроведува за одржлив развој на Кокино како туристичка дестинација, како и за негова конзервација. Опсерваторијата и светата планина Кокино се меѓу најстарите и најуникатните примери на културно наследство во Македонија, па затоа целта на проектот е локалитетот да стане лесно достапен за туристи и физички и на интернет, а притоа да се сочува неговиот автентичен изглед.
Кокино привлекува меѓу 10.000 и 30.000 посетители годишно, што укажува на неговиот голем потенцијал како туристичка дестинација.
Проектот го спроведува Музејот на град Куманово во соработка со Локалната акциона група (ЛАГ) Абер 2015.