Студентскиот пленум најавува генерален пленум на кој ќе се дискутира за активностите во борбата против, како што велат нелегалниот Студентски парламент, чии што 10 гласови можат да одлучат за новиот ректор на УКИМ. Пленумот ќе се одржи вечерва во 19 часот, на платото на универзитетот.
Повикани се сите студенти кои сакаат да се вклучат во борбата за легитимни и легални избори на студентски претставници.
„Колеги и колешки, пленумци, драги студенти, дојде моментот кога повторно мора да сме гласни, кога на корумпирањето на нашето студентско организирање мора да му се каже доста!
Тие закажуваат избори кога студентите не се на факултетите, тие ги трошат нашите пари без пардон, тие ја одмолчуваат корупцијата на Универзитетот, тие сакаат да продолжат со тајните игри на грбот на студентите!
Да не им го дозволиме тоа! Да не дозволиме повеќе ниту еден денар од студентскиот џеб да се влее во корумпираните студентски кругови! Да не дозволиме фалсификување на изборите за продолжување на студентскиот ланец кој одлучува во име на личен интерес, место во интерес на студентите!
Затоа, ве повикуваме сите вие кои сакате да се вклучите во борбата за легитимни, легални, посветени студентски претставници , избрани кога студентите се во факултетските клупи, наместо насилнички, дојдете во вторник (21.06.2016) во 19 часот на платото на УКИМ. Нема да ви помине!“, порачауваат студентите на фејсбук страницата на Студентски пленум.
Од вчера започна изборната кампања за претседател на Студентскиот парламент..
Кандидати за претстојните избори се Стефан Василевски, студент на Медицинскиот Факултет, поддржан од 6 матични Студентски парламенти на УКИМ и Давор Поповски, студент на Факултетот за Информатички науки и компјутерско инжинерство – ФИНКИ, поддржан од 7 матични Студентски парламенти на УКИМ.
Кампањата ќе трае до 28 јуни, a на 29 ќе биде изборниот молк. Изборите за нов претседател на Студентскиот парламент ќе се одржат на 30 јуни, а гласањето ќе трае од 9 до 16 часот на 23 факултети на УКИМ.