Леонид Слуцкиј ја напушти селекторската позиција на Русија по синоќешниот пораз од Велс во последното коло од Б-групата на Европското фудбалско првенство што се игра во Франција.
Тој им се извини на навивачите преземајќи ја одговорноста за слабиот резултат на ЕУРО 2016.
– Сакам да им се извинам на навивачите за лошиот фудбал што го прикажавме на овој шампионат. Ги разочаравме и луѓето кои навиваа за нас на стадионите и тие што ЕП го следеа преку ТВ. Ја преземам одговорноста, имавме доволно време да се подготвиме, да го избереме најдобриот тим, но тоа очигледно не се случи. По овој турнир сметам дека мора да дојде нов човек кој ќе се обиде да направи конкурентен тим за Светското првенство, изјави Слуцкиј по поразот на Велс.
Тренерот на ЦСКА Москва додава дека не жали што ја прифатил селекторската улога.
– Не жалам, имавме одличен квалификациски циклус и предуслов да одиграме добро Европско првенство. Сакав да пружиме максимум, но не успеавме да одиме во следната фаза.
Русија ЕУРО 2016 го завршува само со еден освоен бод против Англија и со два пораза, од Велс и од Словачка.