Официјален Мадрид реагираше „налутено“ поради намерата на британскиот премиер Дејвид Камерон да го посети Гибралтар, во рамките на владината кампања за останување на Велика Британија во ЕУ, јавуваат шпанските медиуми.
– Не сум среќен поради тоа, изјави шпанскиот премиер Маријано Рахој за медиумите во Мадрид.
Во изјавата, Рахој рече дека сака Велика Британија да остане дел од Европската Унија, но дека без рзлика како ќе се определат Британците, на референдумот, следниот четврток, Шпанија останува да го смета Гибралтар за своја територија.
Камерон планира да ја посети оваа територија, за да ги увери нејзните 23 илјади британски државјани да гласаат за останувањетоо во ЕУ.
Гибралтар е британска прекуморска територија со уредена локална самоуправа. Територијата, сместена покрај карпата на влезот во Медитеранот, на крајниот југ од Пиринејскиот полуостров, е во британски раце повеќе од 300 години, како дел од шпанско-британскиот меѓудржавен договор.
Но три века владите во Мадрид инсистираат дека Гибралтар е нивна територија и дека Британија мора да им го врати на Шпанците, па толку време малата територија од само 2,2 квадратни милји е повод за спорот што го одржуваат актуелен шпанската и британската влада.
Доколку Велика Британија ја напушти ЕУ, тогаш тоа ќе го направи и Гибралтар, на чија територија секој ден доаѓаат повеќе илјади Шпанци кои на британскиот посед наоѓаат работа.