Европската унија преку Европската комисија покренала истрага за владиното финансиско поттикнување на летови на скопскиот аеродром во Република Македонија на авио-компании што остваруваат евтини летови од тој аеродром, јави дописникот на МИА од Брисел.
Ова денеска го истакна Јакуб Адамовиц, портпарол на Еврокомисијата, како одговор на покренатите шпекулации во јавноста во однос на македонското владино субвенционирање на функционирањето на евтината авио-компанија „Виз Ер“.
Според Адамовиц, Брисел е свесен за загриженоста на некои авио-компании и аеродроми на Балканот во однос на она што се случува во Македонија, за што според него, од ЕК се во контакт со надлежните власти во македонската држава.
– Соработката во авијацијата меѓу ЕУ и БЈР Македонија е водена од Заедничката европска авијациска област и во тој контекст ние не сме запознати дека некои авио-компании бараат истрага од Комисијата во однос на финансискиот поттик што Владата на БЈР Македонија можеби го дава на авио-компании што оперираат од аеродромот во Скопје. Ние сме секако свесни за загриженоста што е покрената за шемата за финансиски поттик што се дава од Владата во Скопје од 2012 на авио-компании што сакаат да ги добиваат услугите на аеродромот, истакна Адамовиц.
Според гласноговорникот на неформалната Влада на Унијата, има можност од дисторзија на конкуренцијата што може да се покрене меѓу скопскиот аеродром и другите аеродроми во областа и авио-компании што летаат до овие аеродроми и во овој контекст Брисел за Македонија тоа го прави во духот на 864/2004 регулацијата од Заедничката европска авијациска област за заштита на авио-компании против субсидијарност во однос на трети, не-ЕУ земји.
– Сега сме во контакт со надлежните власти во Скопје и собираме информации за понатамошно испитување на ова прашање. Можеби само ќе го ставиме ова прашање за фер и транспарентни пазарни услови во контекст дека има и Авијациска стратегија за Европа што ја покренавме минатиот декември и, се разбира, еден од клучните елементи е да се засили конкурентноста на европскиот авијациски сектор генерално и да се засили неговото глобално позиционирање, додаде Јакуб Адамовиц.
Според портпаролот на ЕК, еден од камен-темелниците на Авијациската стратегија на Европа е склучување на сеопфатен авијациски договор со играчи како Азија, Асоцијацијата на југоисточни азиски нации, со Обединетите арапски емирати (ОАЕ) и со Турција и во тој контекст Брисел верува дека овие идни договори ќе создадат нови економски можности и ќе креираат фер и транспарентни пазарни услови за сите играчи, како за ЕУ авио-компании и не-ЕУ авиокомпании, односно како во ЕУ, така и надвор од Унијата.
– Во овој контекст, следниот вторник има Совет на ЕУ за транспорт во Луксембруг каде што ќе има важни одлуки, заврши Адамовиц.