Уставниот суд денеска поведе постапка за оценување на уставноста на одредби од Законот за административни службеници, кои предвидуваат вработените административни службеници до раководното лице во институцијата во која работат да достават докази за познавање на странски јазици и работа со компјутерски програми.
Поведена е постапка за членовите 108 и 109 од Законот за административни службеници.
Во член 108 од Законот е наведено дека административниот службеник кој засновал работен однос во институцијата треба до секретарот, односно раководното лице на институцијата во која не се назначува секретар да достави докази за познавање странски јазици и познавање работа со компјутерски програми за канцелариско работење, соодветни на нивото на неговото работно
место од денот на започнувањето со примената на овој закон, односно во рок од една година од денот за пристапување на РМ во ЕУ.
Преку оваа одредба се предвидуваат дополнителни услови за вработените административни службеници кои не важеле, односно не постоеле во времето кога тие се вработувале.
Како што е наведено во законските одредби, административниот службеник кој нема да достави докази за познавање странски јазик и работа со компјутери до раководното лице ќе биде распореден на работно место едно ниво пониско, а за оние кои се на најниско ниво ќе има намалување на платата од 10 отсто. Овие одредби, како што се вели во Законот, не би важеле за лицата кои имаат уште 10 години до пензија.
Иницијативата до Уставниот суд е поднесена од Народниот правобранител на Република Македонија, Иџет Мемети.