Обама: Партнерството меѓу САД и Виетнам покажува дека мирот е подобар од војната

Од:

Американскиот претседател Барак Обама изјави дека подобрувањето на односите меѓу САД и Виетнам, поранешен противник на Вашингтон во Виетнамската војна, можат да го научат светот на некои важни лекции.

Во обраќањето кон виетнамскиот народ, кое го изнесе во Националниот конгресен центар во Ханој, Обама рече дека тоа што едно време било незамисливо, САД и Виетнам да бидат партнери и да имаа плодна соработка, станало реалност.

– Тоа партнерство му покажа на светот дека срцата можат да се променат. Тоа му покажа на светот дека мирот е нешто подобро од војната, нагласи американскиот претседател.

Обама во обраќањето во земја, во која има еднопартиски политички систем, застана во одбрана на слободата на говорот и демократијата, нагласувајќи оти тоа се универзални вредности.

– Кога кандидатите можат слободно да се пријават на избори, тоа земјата ја прави постабилна, бидејќи граѓаните знаат дека нивниот глас е важен, додаде тој.

Обама повика за мирно решавање на територијалните спорови во Јужнокинеското Море.

– Големите земји не треба да ги заплашуваат помалите, рече тој, алудирајќи на спорот на Кина со неколку земји во југоисточна Азија во врска со Јужнокинеското Море.

Обама повика за ратификација на спогодбата за слободна трговија меѓу 12-те земји од регионот на Тихиот Океан.

Тој истакна дека Транспацифичкото партнерство ќе доведе до зајакнување на регионалната соработка меѓу земјите, кои се дел од него и до зголемување на платите на виетнамските работници. Обама посочи дека спогодбата ќе му помогне на Виетнам да купува повеќе стоки од САД и додаде дека на работниците ќе им се даде право да формираат синдикати и ќе се забрани принудниот детски труд.

Пред да го изнесе својот говор Обама рече дека на неколку претставници на виетнамското цивилно општество не им било дозволено да се сретнат денеска со него. Обама се сретна со шестмина претставници на цивилното општество и по тоа изјави дека има причини за загриженост во врска со политичките слободи во Виетнам.

– Ние ги почитуваме оние Виетнамци, кои сакаат нивниот глас да биде слушнат, додаде тој.

САД и Виетнам денеска потпишаа спогодба, која му дозволува на американскиот Корпус на мирот прв пат во историјата да работи во азиската земја.

Спогодбата беше потпишана по преговорите меѓу двете земји, кои траеја повеќе од една деценија. Се очекува Корпусот на мирот да ги почне своите активности во Виетнам во следните две години.

Согласно спогодбата станува збор за програма, која ќе им овозможи на доброволци на Корпусот на мирот да предаваат англиски јазик во училиштата во најголемите виетнамски градови Ханој и Хошимин.

На церемонијата на потпишувањето на договорот во Ханој присустуваше американскиот државен секретар Џон Кери. Договорот беше потпишан од директорот на Корпусот, Керолајн Хеслер Радлет и од амбасадорот на Виетнам во САД Пхам Куанг-Винх.

Би можело да ве интересира

Гејтс донираше огромна сума пари за Камала Харис, истото го направија и други американски милијардери

Горан Наумовски

ВИДЕО: Масакр кај Сиетл,15-годишник уби петмина

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Се урна хеликоптер, неколкумина загинати, меѓу кои и дете

А1он

САД се загрижени се можното присуство на севернокорејски војници во Украина

Несреќа во САД: Се урна пристаниште, најмалку седум загинати

САД се заканија, а Нетанјаху ги зголеми испораките на хуманитарна помош во Газа