Авионот Ербас А320 на египетската компанија „Иџипт Ер“ кој утрово се урна во Средоземно Море прво се свртил за 90 степени во лево, а потоа за 360 степени во десно и од 10.000 метри височина паднал на 4.500 метри пред да исчезне од радарите, изјави грчкиот министер за одбрана Панос Каменос.
Тој посочи дека авионот кога исчензал од радарите на височина од околу 3.000 меттри бил во египетскиот воздушен простор.
Компанијата „Иџипт Ер“ утрово соопшти дека авионот од типот „Ербас А320“ ,со 66 патници и членови на екипажот, синоќа во 23.09 часот полетал од Париз на редовен лет кон Каиро, по што исчезнал од радарите во 02.45 часот по локално време (01.45 по средноевропско време), откако навлегол 16 километри во воздушниот простор на Египет.
Египетската армија соопшти дека добила автоматски сигнал за помош од авион, само два часа по исчезнувањето на „Ербасот“ од радарите.
Причините за падот на авионот засега не се познати, но францускиот премиер Мануел Валс посочи дека „ниту една теорија не може да биде исклучена како причина за несреќата“.
Директорот на грчката цивилна авијација истакна дека додека авионот бил во воздушниот простор на Грција, пилотот разговарал со грчките контролори на летот, но тогаш не пријавил никаков проблем.
Некои медими јавија дека пред исчезнувањето од радарите членовите на екипажот алармирале за појава на чад од под пилотската кабина на леталото, но засега нема потврда за ваквите информации.
Египетскиот весник „Ал Ахрам“ пак јавува дека членовите на екипажот на авионот не дале никакво сигнал за проблем во леталото, посочувајќи дека последниот директен контакт на диспечерите со пилотот бил остварен 10 минити пред исчезнувањето.
„Иџипт Ер“ соопшти дека во леталото имало 56 патници и 10 членови на екипажот. Меѓу патниците имало 30 египетски државјани, 15 француски, двајца ирачки, како и по еден државјанин на Велика Британија, Кувајт, Саудиска Арабија, Судан, Чад, Португалија, Алжир и Канада. Меѓу патниците имало и три деца.